Приближно половина или 43,6% од испитаниците сметаат дека најголем проблем во државата се економијата и намалената стопанска активност. Следуваат нефункционирањето на правниот систем, односно криминалот и корупцијата (26,7% од испитаниците), покажуваат резултатите на истражувањето на јавното мислење на МКД.мк спроведено од агенцијата Маркет вижн од 5 до 16 јуни.

На прашањето дали сметате дека Македонија се движи во позитивна насока, мал дел од испитаниците (само 14,2%) се согласуваат со ова. Нешто повеќе од една четвртина сметаат дека стои во место, додека 55,5% сметаат дека оди во негативна насока.

Испитаниците од македонска етничка припадност во споредба со испитаниците од албанска етничка припадност се помали оптимисти за тоа дека државата се движи во позитивна насока.

Во споредба со претходното истражување од февруари, зголемен е бројот на испитаници кои ја посочиле корупцијата како најголем проблем, исто како и испитаници кои ја посочиле блокадата со Бугарија како најважен проблем со кој се соочува нашата земја.

Најголем дел или 79,8% од испитаниците сметаат дека корупцијата во земјата расте, односно дека е повисока во однос на минатата година.

Дали верувате дека Македонија ќе стане членка на ЕУ? Нешто помалку од една третина од испитаниците (30,2%) сметаат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, додека половина или 49,9% сметаат дека Македонија нема да стане членка на ЕУ. Од оние испитаници кои сметаат дека Македонија ќе стане членка, приближно две третини или 60,3% сметаат дека тоа ќе се случи во следниве 10 години.

Испитаниците од македонска етничка припадност се во мнозинство во споредба со испитаниците од албанска етничка припадност во однос на тоа дека Македонија нема да стане членка на ЕУ.

Подобрување на животниот стандард со премиерот Димитар Ковачевски очекуваат само 18 отсто од испитаниците. Сличен процент (19 отсто) очекуваат Владата до крајот на својот мандат да донесе подобрувања во делот на економијата, наспроти две третини од испитаниците кои не очекуваат Владата да донесе подобрувања во економијата до крајот на својот мандат.

За тоа која политичка партија има капацитет да креира и реализира најдобра економска програма за Македонија, 13,5% од испитаниците сметаат дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ очекувањата се кај 8,3 отсто од испитаниците, а од ДУИ – 5,1 %.

Најголем дел или приближно две третини од испитаниците сметаат дека ниту една од постојните партии нема капацитет да реализира добра економска програма.

Проектот за изградба на коридорите 8 и 10 го поддржуваат 59,4% од испитаниците. Само 12,9% сметаат дека проектот кој треба да го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ не е коруптивен, додека нешто повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека е подобро овој проект да не се гради под вакви услови. Приближно една четвртина од испитаниците кои го поддржуваат проектот, сметаат дека не треба да се гради под вакви услови.

Анкета на Маркет Вижн покажува и дека премиерот Ковачевски и лидерот на ДУИ најмоќната партија во владата Али Ахмети немаат поголема доверба од граѓаните споредено со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски сам има 12 проценти додека Ковачевски и Ахмети имаат исто толку но како збир (6,1 + 5,9).

Ова е прв случај во историјата на македонските анкети лидер на опозиција да има ист или поголем рејтинг од двете најголеми партии во владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.