Европската комисија денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија. Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на државата во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја финансиската одржливост и структурните реформи. Оваа помош е наменета и за успешно справување со предизвиците со кои се соочува цела Европа, но и за успешно спроведување на политиките и реформите со кои ќе се забрза интеграцијата на земјата, преку Меморандумот за разбирање помеѓу Европската Унија и Македонија.

„Ние стоиме покрај Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Комисијата.

Со цел успешно справување со економската и енергетска криза, Македонија веќе доби помош од 80 милиони евра, кои се наменети за директна буџетска поддршка за оваа година.

Премиерот Димитар Ковачевски изрази неизмерна благодарност, нагласувајќи дека е посебно израдуван од предлог-финансиската помош.

Неизмерно ја цениме големата помош која Европската Унија постојано ни ја обезбедува на нашиот пат да станеме дел од европското семејство, посебно сега, кога се соочуваме со економска и енергетска криза.
Посебно ме израдува веста од Европската Комисија со која се предлага нова помош за Македонија до 100 милиони евра. Помошта, меѓу другото, ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на државата во наредниве две години, поддржувајќи ја финансиската одржливост, но и за политиките и реформите со кои ќе се забрза и интеграцијата на земјата.
Со оваа помош, како и генерално со рамката за помош од ЕУ, ги подобруваме состојбите во одделни сфери на државата, создавајќи подобри услови за бизнис клима, претприемништво и воопшто, поквалитетен живот за нашите граѓани. Помошта од ЕУ, која се имплементира преку спроведување на нашите политики, е видлива и граѓаните го препознаваат тоа, напиша Ковачевски на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.