САД треба да реагираат на Балканот каде ЕУ не може да постигне поместување на позициите, коментираше за Гласот на Америка аналитичарот Едвард Џозеф од Школата за напредни и меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Тој се осврна на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија, прв од таков вид, и влијанието врз регионот.

Тајмингот на одржување на Стратешкиот дијалог во Вашингтон не можеше да биде подобар за Македонија, затоа што подоцна месецов ЕУ ќе одржи Самит од каде ќе биде донесена одлука за евентуален излез од овој анти-демократски и проруски маневар на Бугарија со блокирањето на почетокот на преговорите за Скопје и за Тирана, рече Едвард Џозеф во изјава за Гласот на Америка

Според Џозеф, аналитичар со фокус на Балканот, земјава се уште ги чувствува негативните последици од Бугарија со ветото, а ситуацијата е уште повеќе влошена по инвазијата на Русија во Украина.

Тој изјави дека Македонија и Албанија го имаат исполнето тоа што од нив се бараше за почеток на преговори со ЕУ, и затоа блокирањето на интегративниот процес претставува проблем за самата ЕУ, но и за САД.

-Бугарската блокада е мошне позитивна за Русија. Тоа е важно да се нагласи. Интересот на Русија да го спречи Балканот да се придвижи кон стабилност кон ЕУ и НАТО, рече аналитичарот.

Блокирањето на двете земји и помага и на Србија да носи одлуки кои се косат со меѓународната заедница, наведува Џозеф.

Србија е на страната на Русија. Ваквата ситуација дава моќ на Белград јавно да го предизвика воведувањето санкции врз Русија, или да мора да постигне договор за Косово, кога нема јасен патоказ за членство во ЕУ, како што е тоа во случајот со Македонија и со Албанија, кои се заглавени поради бугарското вето, смета тој.

Според него, актуелната политика на Бугарија кон проширувањето на ЕУ, само оди во прилог на интересите на Русија во регионот.

Тој анализираше и дека Србија им пркоси на повиците на ЕУ и САД да воведат санкции врз Русија, и дека хрватскиот претседател се заканува дека ќе го блокира членството на Финска и Шведска во НАТО доколку нема решение за некои наталожени предизвици во Босна и Херцеговина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.