Политичките партии за локалните избори 2021 година потрпшиле 454 милиони денари или над 7,3 милиони евра, а имале приход од 449 милиони денари или 7,3 милиони евра , стои во најновиот извешатај на Државниот заво за ревизија.

„Со ревизијата опфатени се финансиските извештаи за изборната кампања на 27 политички партии, 22 коалиции и 92 независните кандидати поддржани од „група избирачи. Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2022 година изврши ревизија на Вкупниот финансиски извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите во изборната кампања, заедно со ревизија на усогласеност на сметките на 141 учесници во Изборната кампања за Избори на членови на советите на општините и советот на градот Скопје и градоначалниците на општините и  градоначалник на градот Скопје 2021 година“, соопшти ДЗР.

Од доставените финансиски извештаи за изборната кампања Локални избори 2021 година ревизорите утврдиле дека  68 учесници од кои 14 политички партии, 20 коалиции и 34 независни кандидати поддржани од „група избирачи“ во законски утврдениот рок имаат поднесено финансиски извештај.

Финансиски извештаи за изборната кампања во законски утврдениот рок не поднеле 11 политички партии и 34 независните кандидати поддржани од „група избирачи“.

„Две политички партии, две коалиции и 24 независни кандидати поддржани од група избирачи“ доставиле финансиски извештаи во кои не се искажани приходи и расходи“, стои во извештајот на ДЗР

Ревизорите за констатираните состојби дадоа вкупно 32 препораки, за да се преземат мерки со кои ќе се надминат состојбите за кои има забелешки.

Според ревизорите неопходно е  да се преиспитаат и допрецизираат одредбите од член 83 став 2 во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија и од донации од политичка партија, во делот на поединечните и вкупните лимити на средства финансирани/донирани од физички и правни лица.

Ревизорите бараат дасе доуреди член 76-д со пропишување на мерливи критериуми во делот на обезбедување и распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија наменети за платено политичко рекламирање.

„Да се уреди начинот на кој донаторите ќе докажат, потврдат дека не се поврзани лица“ со радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми, интернет порталите, при финансирање или давање донации на политичките партии“, препорача ДЗР.

Според Државниот завод за ревизија  постои потреба од пропишување на одредби со кои ќе се уреди дали може коалиција или политичка партија да поддржи независен кандидат – група избирачи и да ги користи доделените средства за платено политичко рекламирање за независниот кандидат – група избирачи, доколку може во кои услови и на кој начин и дали при таквата поддршка истиот има право да ги користи и средствата што му следуваат како независен кандидат.

„Пропишување на обврска за доставување на извештај за искористените рекламни паноа и билборди од страна на општините во Република Македонија и градот Скопје.  Да се преземат активности за доуредување на Изборниот законик во делот на определување надлежен орган за следење и известување за изборното медиумско претставување на електронските медиуми-интернет портали“, препорачува Државниот заво за ревизија.

–Според ДЗР постои потреба од доуредување на условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат електронските медиуми за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК.

„Пропишување на јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските средства наменети за платено политичко рекламирање на електронските медиуми интернет портали. Преиспитување на утврдениот краен рок за уплата на донации, односно потребно е да се утврди донациите да се уплатуваат најдоцна до денот на завршување на изборната кампања“, препораќува ДЗР.

Ревизорите бараат доуредување на Изборниот законик со што во делот на Казни и прекршочни одредби ќе бидат предвидени глоби и за електронските медиуми, електронските портали, во случај за недоставување на Извештајот за рекламниот простор искористен од секој учесник во изборната кампања и средствата кои се платени и се побаруваат по таа основа.

„Постои потреба од одредување на орган за спроведување на обуки поврзани со обврските за финансиско известување, со што ќе се придонесе за подобрување на транспарентноста за навремено информирање на јавноста за финансирањето на изборната кампања“, препорача ДЗР



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.