Американскиот претседател Џо Бајден не може да се дозволи меѓу сојузничките од НАТО, една земја членка да „и се сили“ и да малтретира друга земја членка затоа што е поголема или како што е во случајот со Бугарија и Македонија, затоа што е членка на ЕУ, смета американскиот универзитетски професор и експерт за Балканот, Едвард Џозеф.

 Тоа е веќе и проблем на НАТО. Тоа не можеме да го дозволиме. Ова е сојуз, НАТО е сојуз, не може САД да толерира агресија кон идентитетот, искористување на силата, на овој начин. Ова е сериозно, не е мало прашање. Идентитетот на луѓето е поврзан со идентитетот на државата, со напредокот на државата, со внатрешната стабилност и добрите односи меѓу Македонците и Албанците, што е наш интерес. Од друга страна интерес на Владимир Путин се поделбите и конфликтите. Поделба меѓу Бугарите и Македонците, поделби меѓу Албанците и Македонците, меѓу Србите и Косовците, сето ова. Путин тоа го сака во Украина, тоа го сака и на Балканот, поделби, конфликти, додека интересот на САД е да се запре сето тоа, почнувајќи со афирмација во официјална пишана форма на македонскиот идентитет – вели Џозеф во интервју за ТВ Клан Македонија.

Според него, на тој начин со американската афирмација на македонскиот идентитет, нација и јазик, ќе се испрати порака до Софија: „Вие никогаш нема да победите, никогаш нема да го избришете македонскиот идентитет“.

Тој смета дека тоа е сигналот што им треба во Бугарија и на бугарските лидери, како премиерот Кирил Петков, кои сакаат да го решат ова прашање.

Им даваат простор на историчарите во заедничката комисија да разговараат, врз експертска основа, а не врз основа на сила, од типот „ние сме посилни од вас, па не мораме да ги почитуваме одредбите од Договорот за пријателство, вие мора да ја слушате нашата верзија на историјата, со сила“. Тоа е против принципите на НАТО, на ЕУ и на САД – додава Џозеф.

Според него, по падот на Владата на Петков, како технички премиер во Бугарија би можел да се врати Стефан Јанев, кој како министер за одбрана руската агресија врз Украина ја нарекуваше „специјална воена операција“.

Значи ќе имаме човек на Путин, кој одново ќе го води шоуто во Бугарија, членка на НАТО и ЕУ. Тоа е голем проблем за претседателот Бајден. Тоа е голем проблем за НАТО. Дополнително, во Македонија имаме лојална членка на НАТО, земја што пружа целосна поддршка за Украина. Знаеме дека лидерството на земјата, претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ќе се соочат со остри критики, загрижености и напади. Тоа веќе го видовме од ВМРО, од Христијан Мицковски. Значи веќе имаше реакции поради францускиот предлог овде. Ова значи дека претседателот Бајден ќе има двојна криза овде. Односите меѓу две земји, сојузнички во НАТО ќе се влошат, а тоа е загриженост за САД – оценува Џозеф.

Запрашан за коментар на „францускиот прелог“, Џозеф вели дека не верува оти Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон имале „лоши мотиви“, туку проблем е е во „слабоста и немоќта на Европската Унија“.

Значи Макрон, како и други ЕУ земји, и се разбира САД, иако не се членка на ЕУ, сакаат да биде кренато ветото и Македонија и Албанија да можат да почнат преговори. Очајни се за да се крене ветото. Но, проблемот е што се многу слаби, а Бугарија ја користи таа ситуација, ја искористува, злоупотребувајќи го процесот на ЕУ. Правилата, протоколите на ЕУ велат дека не смеете да внесувате билатерални прашања во пристапниот процес. Тој процес се однесува на друго – дали Македонија ги исполнува условите, дали спроведува реформи и владеење на правото и други прашања, но не за поплаки околу историјата и јазикот – истакнува Џозеф.

Тој смета дека во сегашните услови на ЕУ и се потребни САД „за запирање на Путин во Украина и за запирање на агресија кон идентитетот и малтретирањето од Бугарија“.

Потребни се САД да се вклучат и да ја охрабрат Македонија дека Вашингтон го признава македонскиот идентитет и да и пратат сигнал на Бугарија дека „нема никогаш да ја постигне својата цел, никогаш нема да го избрише македонскиот идентитет“. Тоа е клучното – заклучува Џозеф во интервјуто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.