Македонското Министерство за надворешни работи бара од официјална Софија да ги осуди експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија како непримерен акт кон соседна пријателска држава.

Реакцијата на МНР се однесува на однесувањето на дел од бугарските пратеници, кои на вчерашната седница беа со натписи „Македонија е Бугарија“, а пораката беше и усмено пренесена од собраниската говорница.

Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот. Очекуваме официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија како непримерен акт кон соседна пријателска држава – велат од МНР.

Вчера во бугарскиот парламент беше изгласана поддршка за францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции, но под четири услови, еден од нив е внесување на двостраниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство во Преговарачката рамка, што е неприфатливо за македонската страна.

Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ (НЦЦ) вчера објави анализа за застојот во проширувањето на ЕУ и како најдобар пример за тоа го истакна случајот на Македонија, која е кандидат од 2005 година.

И оттогаш земјата е уценувана од ЕУ-членките. Грција ја натера да си го смени името во Cеверна Македонија. Тукушто го стори тоа, дојде Бугарија и побара Македонците да признаат дека не се вистинска нација, туку дека во основа се Бугари – се вели во анализата.

Швајцарскиот весник се осврна и на твитот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој кажа дека сите бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија.

Комесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји ги прогласи бугарските уцени за сериозен приговор. Тоа не значи ништо друго освен дека Македонија мора да го прифати бугарскиот поглед на историјата, доколку сака да се приближи до Унијата. Тоа е рецептот на Путин за однос кон соседите, но поелегантен, без тенкови – пишува НЦЦ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.