Познанството со новоизбраниот шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази со луѓе на ДУИ не треба да коментира, со оглед дека станува збор за претставници на различни власти, изјави претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери, кој е член на ДУИ.

Ние сме мала држава, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто работел во Вишото обвинителство во Гостивар. Но секој има право на избор, зарем утре некој не може да биде избран ако мене ме познавал, рече Џафери.

Прво и основно, јас сум претседател на Собранието и како пратеник и како Собрание ние сме посебна власт, тие се посебна власт. Ние сме мала држава. Ако одиме од тоа дали се познаваме или не, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто ни бил во Вишото обвинителство во Гостивар. Така што, во тој контекст не е спорно ние дали се знаеме или не, изјави Џафери за МИА.

Според првиот парламентарец секој поинаков коментар оди на штета на системот и на властите и нагласи дека познанствата не треба бидат пречка некој граѓанин биде избран за функционер, а личните релации не треба да се отежителна околност.

Тоа не треба да е спорно и доколку утре негде бидете избрани, а се познавате со претседателот на Собранието тоа да биде пречка во тој избор. Правото на избор е право загарантирано на секој граѓанин да биде избран, именуван, да гласа, да биде избран. Така што, во тие рамки не би смеело да се коментира, подвлече Џафери, кој денес беше на настан во Гостивар за популаризирање на работата на парламентот.

Инаку, Абази вчера беше избран за главен обвинител на ОЈО ГОКК, а во неговата биографија пишува дека е роден и живеел во селото Зајас, родното село на лидерот на ДУИ Али Ахмети. На првата средба со новинарите Абази рече дека не го познава Ахмети, па во текот на денот се појавија цел фотоалбум фотографии со функционери на ДУИ, меѓу кои и братот на Ахмети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.