Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го повтори ставот дека секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус.
Стојам на ставот дека треба да има консензус за тоа прашање, затоа што со консензус е донесен и Изборниот законик и изборниот модел во 2002 година – рече Џафери на денешната средба со медиумите.
Прашан за измените на Изборниот законик и за заклучокот на собраниската Комисија за политички систем да се организира јавна диксусија по повод измените за воведување една изборна единица, Џафери информира дека тој заклучок треба да се достави до Собранието, кое потоа треба да донесе одлука за јавна дискусија, што, како што рече, значи друга процедура.
Џафери појасни дека во тој случај се определува матично работно тело кое ќе ја води дискусијата, веројатно тоа ќе биде Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и се објавува текстот на законот кој оди на јавна дискусија, за што рокот е околу 30 дена за објава, пријава, разгледување и за укажување. Потоа матичното работно тело треба да ги обработи тие укажувања и сето тоа ќе одземе време, што според него, значи дека не се работи за брз процес.
Претседателот на Собранието ја образложи постапката дека законот е на пленарна седница и кога ќе дојде Извештајот од Комисијата, службите ќе одработат по однос на заклучокот. Потоа, Собранието определува кое ќе биде матичното работно тело, кое ќе ја води дискусијата и ќе ги собира сите податоци.
Џафери истакна дека Законот е во редовна постапка, што значи дека Собранието прво треба да реши дали е прифатлив или не. Ако Собранието изгласа дека предлогот е прифатлив, тој оди во понатамошна постапка. Ако Собранието реши дека не е прифатлив предлогот, тогаш се стопира целата процедура и истиот закон не може повторно да се достави во рок од 90 дена.
За изборот на уставните судии, Џафери рече дека тоа е во надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и оти нема потреба од најава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.