Сите ние без исклучок треба да бидеме чувари на човековите права и слободи и да овозможиме слoбоден, рамноправен и достоинствен живот и услови за функционирање за секој еден поединец на нашата заедница, нагласи претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот настан „Улогата на Парламентите во имплементација на Агендата 2030“.

Тој потенцираше оти верува дека со интегриран пристап, инклузивни политички процеси и одговорни, ефективни и отчетнии „Агендата 2030“ ќе се реализира поуспешно.

Особено ние, како пратеници, имаме уникатна позиција да бидеме врската помеѓу граѓаните и државните институциии да промовираме и усвојуваме политики и закони насочени кон луѓето, со цел никој да не биде заоставен, потенцираше претседателот на Собранието.

Џафери потенцираше дека „општество за сите“ не треба да биде само флоскула, еднакви права и слободи за сите, не треба да биде само напамет научена фраза, туку треба да биде начин на функционирање и таму каде што се носат одлуките и таму каде што се спроведуваат, под услов, како што рече, секоја алка од синџирот на општествена одговорност, правна заштита, судска ефикасност и транспарентност да функционира беспрекорно.

Претседателот потсети дека во Собранието постои Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп (ИПП) и конкретен резултат на заедничката посветеност на сите пратеници без оглед на партиската припадност, но и на интензивната соработка со техничкиот комитет на ИГГГ – Полио Плус – движењето против хендикеп е усвоената Декларација за правото на политичко учество на граѓаните со попреченост.

Неодамна, во Собранието се одржа шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа на која ја потенцирав улогата на домашната Комисија за спречување и заштита од дискриминација како самостоен и независен орган кој работи на промоција на заштита и одржување на еднаквоста, човековите права и недискриминацијата, истакна Џафери.

Претседателот потенцираше дека клучна е меѓуинституционалната соработка но и стекнувањето и применувањето на меѓународните искуства на поискусните и потврдени демократи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.