Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со Линда Ван Гелдер, директорката на Светска банка и Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија и Косово.
Како што соопшти собраниската прес-служба, тема на средбата била петгодишната рамка за партнерство (CPF) на Светската Банка со земјата, чија цел е да ја поддржи Република Македонија во постигнувањето на побрз, инклузивен и одржлив раст и да им обезбеди на своите граѓани поголеми можности за подобар живот.
Со оваа рамка на Република Македонија и се ставаат на располагање финансии наменети за локалните патишта, за Коридорот 8, за земјоделството, основното образование и другите сфери во периодот 2019 – 2023 година – соопштија од Собранието.
На средбата Ван Гелдер се осврнала на реализираните проекти и искористените финансии од фондовите од кои придобивки имаат граѓаните на Република Македонија, како и за очекувањата кои што државата ги има во наредниот период. Таа искажала интерес за процесот и динамиката на донесувањето на законите во оваа сфера, особено на Законот за буџети.
Џафери појаснил дека Законот за буџети е заглавен во собраниска процедура веќе скоро две години, заради тоа што не е разгледан во второ читање од Комисијата за финансирање и буџет која што во моментов нема претседател. Тој истакнал дека донесувањето ваков закон не е само чекор напред во менаџментот со јавни финансии, туку е и чекор напред кон нашето членство во Европската унија, но дека опозицијата не покажала многу слух за интересите на државата преку блокирањето на донесувањето на именуваниот закон.
Соговорниците се согласиле дека Република Македонија и Регионот не се имуни на состојбата која што се случува во Украина во моментов. Светот, нагласиле, живее во неизвесност во моментов и затоа е особено важно да се надминат тесно-партиските и дневните интереси на одредени чинители и да се стави акцент на интересите на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.