Претседателот на Собранието Талат Џафери, го прими орденот „Јарослав Мудриот“ што го доделува украинскиот претседател, Володомир Зеленски.

Наградата му ја врачи претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, на церемонија во Загреб каде се одржува првиот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа, на кој ќе учествуваат 34 претседатели на парламенти.

„Особено сум почестен што, во име на претседателот на Украина и украинскиот народ, претседателот Стефанчук ми го додели орденот Јарослав Мудриот за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот“, рече Џафери.

Џафери во април годинава ја посети Украина со цел да ја потврди општата определба на државата да ја поддржи Украина и украинскиот народ, при што напомена дека физичкото присуство во оваа држава значи и лична, но и институционална поддршка на напорите на украинските институции да го врати мирот и контролата врз целата своја територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.