Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба со литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, изрази благодарност за постојаниот интерес на Литванија за давањето поддршка на евроатланските и европските интеграции на Македонија.
Како што соопштија од неговиот Кабинет, Џафери, во разговорот изразил жалење за околностите во кои се случува оваа средба, кога е загрозена безбедноста на европскиот континент, односно кога Украина се соочува со неоправдана и неиспровоцирана воена агресија од страна на Руската Федерација, чин што глобалната заедница, вклучително и Македонија, силно го осудува и го прогласува за флагрантно кршење на територијалниот интегритет на суверена држава, со непочитување на меѓународно признатите граници и меѓународното право.
Претседателот на Собранието се осврнал на неговата неодамнешна посета на Украина, каде дал лична и институционална поддршка на напорите на украинските институции да ги вратат мирот и контролата врз целата своја територија. Тој потенцира дека Македонија како држава е приклучена кон сите мерки и обврски кои ги презема Европската Унија како поддршка на Украина и тоа се мерки што ги презема како држава членка на НАТО и земја кандидат за влез во ЕУ.
Министерот Ландсбергис истакнал дека силно ја поддржуваат европската интеграција на Македонија и што е можно поскорото отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој истакна дека многу е важно земјава цврсто да се придржува кон сите санкции кон Русија воведени од Европската Унија.
Во однос на противењето на Република Бугарија и ставањето на вето за отпочнување на преговорите на Македонија, министерот Ландсбергис истакна дека тоа е неприфатливо, особено во овие тешки моменти кога е загрозена европската безбедност и единството и солидарноста помеѓу европските земји се клучни за надминување на кризата. Тој укажа дека Република Литванија многу напреднала на сите полиња и тоа на демократско, економско и институционално поле кога станала членка на ЕУ – се наведува во соопштението од Собранието.
Џафери и Ландсбергис на средбата се согласиле дека е потребна взаемна поголема соработка и поддршка како земји членки на НАТО, со цел надминување на кризните состојби на европскиот континент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.