Претседателот на Собранието Талат Џафери се сретна со претседателот на Летонија, Егилс Левиц, кој престојува во официјална посета на Македонија. На средбата присуствуваше и Моника Зајкова во функција на претседателка на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на балтичките земји: Естонија, Летонија и Литванија.

Посакувајќи му на гостинот добредојде од името на пратениците, претседателот Џафери изрази благодарност за поддршката од Летонија за евроинтеграцијата на Македонија, како и за стоењето на ставот дека политиката на проширувањето претставува една од најуспешните политики на Унијата. Тој нагласи дека земјата ја исполни својата стратешка определба за членството во НАТО, каде веќе втора година е полноправна членка и придонесува како за регионалната така и за меѓународната стабилност, а во однос на европските интеграции, подвлече дека очекуваме напредок во интегративниот процес во насока на што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција која ќе означи почеток на преговорите со Унијата. Истакнувајќи дека билатералните прашања не треба да се пречка за преговорите, претседателот Џафери информираше дека контактите со Бугарија се интензивни што му дава надеж дека до крајот на француското претседателство со ЕУ, процесот на евроинтеграција на Република Македонија ќе биде деблокиран – соопштија од Кабинетот на Џафери.

Како што се наведува во соопштението, претседателот Левиц нагласил дека Летонија отсекогаш го поддржувала процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан според критериумите за членство и напредокот на секоја од земјите и, во таа насока, истакна дека Република Македонија направила сѐ од своја страна и дека сега е време Европската унија да ги преземе понатамошните чекори, бидејќи во спротивно, во прашање би се довела кредибилноста на Унијата.

Според него, проширувањето не е само во интерес на Македонија, туку и на Унијата од аспект на геополитичката безбедност. Тој изразил уверување дека наскоро ќе биде најден начин за продолжување на процесот на проширување и потврди дека тој од своја страна ќе се заложи тоа да стане реалност што е можно поскоро.

Претседателот Левиц ја поздрави и одлуката за воено присуство во источниот дел на Алијансата на првиот контингент од Република Македонија кој се подготвува да биде распореден во Летонија во јуни 2022 година – информира Кабинетот на Џафери.

Соговорниците размениле мислења и за состојбата во Украина, ја осудиле агресијата на Руската Федерација и се согласиле дека е потребно да се покаже солидарност со граѓаните на Украина и силно да се поддржи меѓународниот правен поредок со цел да се избегне глобална анархија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.