Од ДУИ се огласија по повод одвојувањето на патот на Албанија од Македонија кон ЕУ. Тие сметаат дека погрешните политики се „виновникот“ за оваа ситуација.

„Денес, нашата земја се соочува со болен момент, кој за секој граѓанин што сонувал за европската иднина, буди длабоки чувства на разочараност и тага. Поради неуспехот на оваа влада да ги исполни уставните измени, Македонија денес е оддалечена од Албанија на својот пат кон Европската унија.

Оваа одлука е директна последица на политички неуспех, но пред сè, тоа е тешка неправда за секој граѓанин на Македонија кој ја гледал Европа не само како политичка цел, туку и како длабока социјална и културна амбиција. Веќе не сме на заедничко патување со Албанија, и тоа е удар на единството и стабилноста на регионот за кое толку долго се боревме.

Демократската унија за интеграција постојано предупредуваше дека овој неуспех ќе има тешки последици. Секој ден кога се одлагаат уставните реформи е изгубен ден за европската иднина на нашите деца. Секој неуспех во усвојувањето на овие реформи е чекор подалеку од европското семејство и чекор поблиску до изолацијата, разделбата и стагнацијата.

Денес, нашите зборови не се само критика. Тие се отворен апел до секој граѓанин на оваа земја кој ја сака Европа и верува во нејзините вредности: овој момент е време да се обединиме и да испратиме силна порака за дејствување без повеќе одлагање. Секое одложување, секој неуспех, само го длабочи јазот помеѓу нас и Европската унија.

Македонија е Европа, и тоа го заслужуваат нејзините граѓани. Не смее да дозволиме денешната политика да ни ја одземе иднината. Ова не е партиска, туку национална тема која ги зафаќа сите семејства и сите индивидуи кои веруваат во подобра, стабилна и европска иднина.

На оваа раскрсница, ние сме решени да дејствуваме за она што е правилно и за правото на граѓаните на Македонија да станат дел од европското семејство. Историјата ќе нè суди за овој момент, и ние нема да дозволиме Македонија да остане надвор од Европа поради политичките неуспеси на моментот.

Европа е нашата дестинација. Ова е наша заедничка обврска. Нема повеќе време за губење“, стои во соопштението на ДУИ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.