ВМРО-ДПМНЕ веќе прерасна во фабрика за лажни вести и пропаганда која наликува на Гебеловата, односно тие креираат непостоечки прашања и ги повторуваат сè додека и самите не почнат да им веруваат, велат од Демократската унија за интеграции.

Преписките на релација ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ добија на интензитет во последните денови откако ВМРО-ДПМНЕ неколкупати во јавност излегуваше со обвиненија дека внукот на Али Ахмети е подизведувач на Коридорот 8, а лидерот на партијата Христијан Мицкоски ги прозва надлежните органи да ја испитаат легалноста на споменикот посветен на загинатите борци на ОНА во с. Слупчане, додека пак од ДУИ одговорија дека Мицкоски треба да се поклони на споменикот.

Денеска, пак, од ДУИ излегоа со соопштение дека ВМРО-ДПМНЕ константно пласира лажни вести за албанскиот јазик, за наводна бугаризација, коридорите 8 и 10-д, но и за низа други теми.

„Лажни вести за албанскиот јазик, лажни вести за мигранти, за Преспански Договор, за бугаризација, за инфлацијата, за Коридорот 8, за енергетската криза, за пандемијата, за Данела Арсовска, за наводна корупција, како и многу други теми“, велат од ДУИ.

Интегративците велат дека покрај лажните вести ВМРО-ДПМНЕ ги игнорира сите совети и напори на меѓународната заедница и го блокира европскиот пат на С Македонија, со што се обидуваат да ја изолираат земјата и да ја вратат заробената држава од времето кога владееле.

ДУИ воедно ги повика сите политички партии да потпишат иницијатива до Јавното обвинителство, како и до меѓународните институции за целосна истрага на сите нивни функционери, власт и опозиција, во последните 20 години, како и да поддржат целосен ветинг во политиката, судството и обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.