Повеќе од јасно е дека без темелни и суштински реформи во судскиот систем, владеење на правото, развој и јакнење на демократијата и одговорноста, како и силна и неселективна борба против криминалот и високата корупција, тешко ќе се движиме кон Европската унија, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
Обидите на Ковачевски, Османи и Маричиќ, со манипулативни настапи да обезбедат поддршка за уставните промени не успеаја, затоа што граѓаните препознаваат дека власта не ја говори вистината кога вели дека со внесувањето на Бугарите во Уставот, нашиот пат кон ЕУ нема да наиде на пречки и блокади од Софија за билатералните историски и идентитетски прашања.
Да потсетиме на три клучни елементи:
Прво, во ниту еден документ на ЕУ, не е дефинирано дека македонскиот јазик ќе биде официјален после приемот на Македонија во ЕУ.
Во заклучоците на Советот на ЕУ стои дека преводот на документите ќе се врши на македонски јазик, при што и Бугарија има изјава дека македонскиот јазик е секундарна кодификација на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектни форми.
Не поминува манипулацијата за македонскиот јазик со договорот со ФРОНТЕКС, бидејќи тој договор нема никаква поврзаност со Преговарачката рамка.
Второ, историските, образовните и идентитетските прашања се составен дел на Преговарачката рамка и другите одлуки на ЕУ и тие во основа произлегуваат од бугарската декларација со која се негира македонскиот народ и јазик, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка (заедничка историја, годишни протоколи, Комисија за историски и образовни прашања итн.).
Трето, Владата ниту се обиде ниту пак обезбеди РЕЦИПРОЦИТЕТ поврзан со вградувањето на Бугарите во Уставот на Македонија и признавањето на правата на Македонците за формирање нивни асоцијации во Бугарија.
Власта нека презентира во јавноста контра аргументи за овие тврдења, тогаш ќе се промени определбата на над 80% од граѓаните кои не поддржуваат уставни промени.
Инаку, токму благодарение на лошите политики на СДСМ и ДУИ, како и постојаното одлагање и блокирање на почетокот на преговорите од страна на земји членки на ЕУ, бројот на граѓаните кои се определени за членство во ЕУ, опадна од 80 на помалку од 70 отсто. Сепак, граѓаните сакаат членство на Македонија во ЕУ, но не под вакви услови, блокади, условувања и уцени на штета на националните интереси на Македонците како основни носители на суверенитетот на Македонија.
Уставните измени не поминаа! Затоа Ве повикуваме политиките да ги соочиме со граѓаните на избори. Или ќе добиете поддршка, или народот ќе ви каже „МАРШ ДА ВЕ НЕМА!”.
Само нов парламентарен систав и нова Влада, можат да ја придвижат Македонија кон ЕУ и да отворат перспективи за младите, пишува во соопштението на ДС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.