Општина Струмица е веќе 17 години окупирана од СДС, сите општински институции, јавни претпријатија, голем дела од приватниот сектор, а во последните пет години и државните институции се во рацете на СДС. Прв пат во Струмица во последните пет години СДС има апсолутна власт како на локално, така и на централно ниво, затоа борбата во Струмица меѓу СДС и ВМРО делува како борба меѓу Давид и Голијат. Меѓутоа, радува фактот, очигледен е брзиот крах на оваа апсолутна власт која во најбрз можен рок ќе падне, рече Жан Дрвошанов, претседател на Општинскиот комитет во Струмица на денешната трибина „Анализа на општините каде што ВМРО-ДПМНЕ е опозиција“ во рамките на политичкиот саем во организација на ВМРО-ДПМНЕ насловен „Промени што носат иднина“.
Тој посочи дека од владеењето на СДС 17 години на локално ниво во Струмица, обичните граѓани немаат ама баш никаков бенефит, сеуште одат по руинирани улици, дишат загаден воздух, се борат за егзистенција, додека мал дел од луѓе блиски до власта, преку ноќ, направија империи и создадоа енормно големи финансиски и материјални богатства.
Дрвошанов истакна дека новиот градоначалник, Костадин Костадинов е креација на Зоран Заев, негов миленик и неговата задача, секако, е да ги исполнува желбите на Зоран Заев и токму затоа не очекуваат промени во Струмица, затоа што нивен начин на владеење е „едно евро“.
„Во Струмица не очекуваме промени, ќе продолжи политиката на Зоран Заев, а сите знаеме дека неговата политика беше „едно евро“. Кога сме кај политиката едно евро, видовме дека почетниот капитал на Зоран Заев не е од пазарот во Крагуевац, туку од пазарот со општинскиот имот. Во последната година, како и во изминатите 16 години, немаме никаков капитален проект за кој локалната власт може да се пофали. Гасификацијата која беше помпезно најавувана се покажа дека е за испумпување пари од буџетот на општината, милиони евра се потрошени и секоја година од општинскиот буџет се одделуваат милионски суми за оваа гасификација, за на крајот да видиме дека немаме никаков бенефит како обични граѓани. После толку години и после толку милиони потрошени средства за гасификација во Струмица имаме само околу 340 домаќински приклучоци, околу 20 институции и околу 20 стопански субјекти, а со покачување на цената на гасот и оваа бројка сигурно ќе се намали. Многу е јасно, проектот е направам за да завршат парите во бизнис елитата блиска до СДС. Друг таков проект кој го најавуваа како капитален, е проектот канал Крушевска Република. И кај овој проект се потрошени милионски средства, пари на граѓаните, со цел да се спречи поплава во еден одреден дел од градот и се ќе беше во ред доколку овој проект не ги покажа своите недостатоци и не ја извршува функцијата за која беше однапред предвидено. Овој проект кој сеуште не е реализиран во целост, а се потрошени огромни средства пари на граѓаните и сеуште се одвојуваат пари од буџетот на општината има огромен број на недостатоци, затоа што тој дел од градот сега се поплавува и при најмал дожд“, истакна меѓу другото Дрвошанов.
Емил Спасовски, кандидат за градоначалник на општина Крива Паланка истакна дека хаосот на власта кој што се случува на централно ниво се пресликува и во општина Крива Паланка.
„Поради нереализираните проекти на претходниот градоначалник од неговата програма „За живот“ него го замени неговиот внук. Гледајќи го според досегашната работа сегашниот градоначалник со сигурност можеме да кажеме дека ќе биде полош од претходниот. Во овие пет години власт на СДСМ на локално ниво во Крива Паланка слободно можеме да кажеме дека станавме град без иднина и без надеж. Принуден да даде отчет за сработеното, градоначалникот Сашко Митовски во неговиот отчет за една година ги наброја скоро сите проекти кои што неговиот претходник даде отчет за четири годишниот мандат од неговата програма „За живот“. Во отчетот и на двајцата градоначалници нема ниту еден метар водоводна мрежа, нема ниту еден метар канализациона мрежа, нема ниту еден метар атмосферска канализација“, рече Спасовски.
Тој посочи дека гасификацијата на Крива Паланка која беше приоритетен проект и на двајцата градоначалници воопшто не се ни споменува. Затворениот градски пазар и затворениот градски базен веќе ги заборавија. Голем број на ветувања кои што ги ветија во предизборието воопшто не се реализирани.
„Она по што после пет години централна и пет години локална власт Крива Паланка ќе остане препознаена по промената на власта на СДСМ тоа е брусењето на сонцето од Кутлеш пред општинската зграда, шверцот тутун и милионските суми неплатени акцизи. Тука се и партизираните институции, неможноста на граѓаните да најдат слободно работно место, бидејќи работни места има само за партиските војници кои што се од СДСМ“, појасни тој.
„Ако направам една паралела во тоа како беше во времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја имаше локалната власт и да ја споредиме со сегашноста разликата е огромна. Можам слободно да кажам дека во тој период покрај многуте културни манифестации, покрај толку природни убавини кои што Крива Паланка и Осоговието ги има, Крива Паланка значеше за источна порта кон Европа. Крива Паланка беше лидер во искористување на ЕУ фондовите за прекугранична соработка со кои што се реализираа огромен број на проекти. Во тој период се реализираа проекти за решавање на децениски проблеми на граѓаните во делот на водоснабдувањето, во делот на патната инфраструктура, во делот на канализација и сите оние проекти кои што се потребни за основни човекови потреби“, потсети тој.
Спасовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ во програмата за Крива Паланка имаше реални проекти со точни рокови за реализирање на истите.
Советничката во Советот на општина Валандово од ВМРО-ДПМНЕ Јулија Тушевска, изјави дека општината во изминатата година предводена од СДСМ го достигна дното.
„За жал нашата општина е предводена од СДСМ и можеме да кажеме дека нашата општина во овој момент го има достигнато дното. Од општина која до 2017 година беше водена од страна ана ВМРО-ДПМНЕ и важеше за општина која што беше финансиски добра и која што на сегашниот градоначалник му остави 22 милиони денари и 0 денари долгови. Меѓутоа оваа ситуација сега во моментот се менува а тогаш сегашниот градоначалник се дрзна да искоментира дека наследил добар банкар па прашање е каква состојба на општината ќе остави тој. До 2017 од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа спроведени бројни капитални инвестиции во општина Валандово, изградба на канализациони мрежи, изградба на спортски сали, и им беа оставени два капитални проекти за тие да ги довршат каде што целата комплетна документација беше направена и завршена како Булеварот Правомајска во Валандово и реконструкција за енергетска ефикасност на детската градинка Калинка во Валандово“ нагласи Тушевска.
Тушевска истакна дека најголем проблем во Валандово е невработеноста и отсутноста на капитални проекти како и потфрлувањето во локалниот економски развој.
Општина Валандово во последната година дури и да нема реализирано некаков капитален проект, плаќањата кои што општината ги има самиот квартален извештај кој што го доставува плаќања кои што се извршени од ланската година односно од претходниот градоначалник. Исто така имаме зголемување на бројот на невработени, голема задолженост на општината и јавните претпријатија и пред се потфрлање во секој сегмент во самата општина. Во општината недостасува правилен и динамичен развој на општината факт е дека се искажани ветувања кои што се празни и кои не само што не се исполнуваат туку имаме и не решавање на проблемите на граѓаните. Најголем проблем во Валандово претставува невработеноста и иселувањето кое се случува пред се заради не отворање нови работни места. Најголемо потфрлување имаме во локалниот економски развој, наголемо се фаворизираше и се најавуваше бомбастичен план „5, 50 ,500“ што би значело 5 нови фабрики, мапирање на 50 нови локации за стопански производи и отворање на 500 нови работни места но од сето тоа ништо“ истакна Тушевска.
Мевмед Џафери, кандидат за градоначалник на Маврово Ростуше од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не победи на локалните избори во оваа општина затоа што власта се послужи со закани, уцени и потплатување кон граѓаните кое се наоѓа во европските земји.
Во општина Маврово Ростуше се случија две интересни случки, едното што беше реткост со немањето на цензус во општина Маврово поради иселувањето. Првото гласање кога беше гласање со присутното население каде што имавме убедлива и добра победа, иако покрај уцените од нивна страна. Но потоа со нивното прегласување после девет месеци си ја завршија работата како што ја знаат работата, уцени, закани и потплатувања и изгубивме како резултат на тоа што беше добро потплатено населението кое е моментално во европските земји, рече Џафери.
Тој исто така во текот на своето обраќање посочи дека нема ништо реализирано од тоа што беше ветено во програмата на кандидатот од СДСМ за ова општина.
Поинтересно беше тоа што во изборната кампања влегувавме со две програми, програма на против кандидатот пишувана во 2017 година и која е 80% нереализирана и со истата влегуваат во циклусот на 2021-2022 изборите. За разлика од нив ние имавме добра програма каде беше ветено се што не реализирале, се да поправиме што рушеле, но изборите завршија така како што завршија. По изборите заврши истата приказна, продолжија да го работат она што најдобро го знаат, се што ветувале од 2017 година до 2022 продолжија да не го реализираат. Ветувале катни гаражи во рурални средини, ветувале подобрување на водоводни мрежи и правење нови водоводни мрежи, исто така го уништија и образованието на локално ниво, бидејќи нема доволно кадар вработуваа се по вертикала на фамилија и се вработуваше несоодветен кадар со средно образование и така натаму, додаде Џафери.
Александар Јовановски, кандидат за градоначалник на општина Кичево, кој се обрати пред присутните потенцираше дека ДУИ ја користи општина Кичево за лично богатење и остварување на лични интереси, укажувајќи дека општина Кичево во моментот со актуелниот градоначалник е општина на ѓубре, на дивоградби и иселување.
Кичево како општина е специфична од повеќе аспекти, особено што е општина каде што живее мешано населени. Две работи се многу специфични, првата работа е што ДУИ, општина Кичево ја смета како воен плен, а втората работа е што во општина Кичево го бираат иселениците. Значи од тој аспект, ние сме доведени во една состојба во која што мораме да балансираме и за среќа ние како ВМРО-ДПМНЕ како партија го препознавме тој момент да мораме да понудиме кандидат кој што ќе може да ги обедини сите и кој што ќе им покаже во суштина на сите дека не е важна етноцентричноста, туку дека е важна хигиената на живеење, дека е важно секојдневието и аспектот на живот кој што ќе му го понудиме на нашите сограѓани како надеж. За жал тоа и овој пат не се случи, морам да нагласам со голема помош на СДСМ затоа што и оние иселеници кои што секогаш доаѓаа во голем број да го поддржат актуелниот градоначалник, во последниот циклус увидоа дека ниту е вреден, а ниту она кое што го нудел, ниту она кое што го ветувал, не само што не го остварил, туку не се ни обиде да го оствари, рече тој.
Го гледаат градот како поле за лични интереси, како поле за лично богатење, во Кичево не се случува ништо конкретно. Кичево во моментот е град на духови, на дивоградби, град на ѓубре, град на иселување, нагласи Јовановски.
Јовановски нагласи дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општината е силен коректор на градоначалникот, додавајќи дека нема ниту 5 проценти реализација на програмата изминатата една година.
За среќа имаме многу активна советничка група која со сите сили се обидува да биде коректор на неактивноста на градоначалникот. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од онаа програма која што ја понуди за тековната година за реализација не успеал да оствари ниту 5 проценти, дециден е Јовановски.
Загрозени сме од страшна нехигиена. Градоначалникот во немање на хигиена во немање на решение се одлучи да направи депонија сред град. Така што во моментот во центарот на градот ние имаме градска депонија бидејќи немаат начин или решение каде да го одложуваат ѓубрето, заклучи Јовановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.