Утре во Брисел со првата Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија ќе видиме една убава симболична фотографија. Ама цената за неа нема да можеме да ја платиме, пишува Никола Димитров во текст за Дојче Веле“.

Утре, Македонија во Брисел ќе ја подотвори првата страница од книгата наречена пристапни преговори со ЕУ. Меѓутоа, како кога при вртење страница некој ќе не’ прекине па остануваме со раката во воздух, тука ќе застанеме и ние. За да ги до-отвориме преговорите, за да го свртиме првиот лист до крај, треба да ги внесеме Бугарите во Уставот. Затоа, првиот успех според владата, преговорите да почнат сега, е обичен фолклор, шанса за слики и видео клипови за да им се помогне политички дома. Владата утре ќе каже, „ги отворивме преговорите” и тоа нема да биде точно. Ако биде искрена, ќе каже „почнавме да ги отвораме преговорите”. За жал, вакво отворање на процесот во два чекори се случува за првпат во историјата на ЕУ.

Софија го доби тоа што го бараше. Преговорите да не можат до крај да се отворат пред да се смени Уставот. Целиот притисок и вина, со амин на владата во Скопје, ќе се сврти врз Македонија, односно врз пратениците во Собранието. Си доби и европски и наши гаранции за диктат и наметнување на својот наратив за историјата како наш. Македонија доби, барем засега, нешто што веќе го имаше добиено и што неспорно и’ припаѓа – македонскиот јазик.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.