Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров преку социјалните мрежи упати критики дека користењето на терминот „северномакедонци“ е навреда за сите жители на Македонија.
Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин „северномакедонци“ од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор. Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот Договор го гарантира. Со други зборови „Cеверна Македонија“ е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува, вели Димитров.
Затоа секоја употреба на терминот „северномакедонци“ освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор. Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи. Тоа е недозволиво. Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик. Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок се’ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на Договорот – додава тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.