Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров беше гостин во емисијата „360 степени“ емитувана на 14.1.2022 година (петок), при што во фокусот беа неговите ставови изнесени на прес-конференцијата одржана на 12.1.2022 година.

Димитров нагласи дека критиките и нападите биле очекувани, со оглед на сериозноста и тежината на прашањето, како и најавата за отворање разговор за сите суштински теми како што се клиентелизмот и корупцијата, но појасни дека ни претходно не молчел:

Не бев толку отворен затоа што битката ја водев внатре. И тоа ми беше задача – ако сум дел од еден тим, за своите позиции морам да се борам внатре. И не е баш дека останав без ништо, па ајде сега ќе се лутам. Ако била приказната и мојата амбиција за функции, јас добив понуда за една од најпрестижните функции во македонската дипломатија, а тоа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или ако не е Вашингтон дури и да си изберам земја или меѓународна организација каде сакам да работам. Јавноста треба да знае дека таа функција не е толку изложена на јавност, на притисок и на стресови, а има поголеми бенефиции и некаде пет пати поголема плата од платата на член на Влада.

Јас решив сега да зборувам, бидејќи гајлето што го носев јас како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да можам да го носам сам, бидејќи не сум внатре. Во реакцијата од кабинетот на премиерот се вели дека Димитров ги напаѓа позициите од кои бил дел, што ги градевме заедно. Јас во одговор на едно новинарско прашање на самата прес-конференција кажав дека точно, за одговорите на 5+1 точките што ги постави Бугарија, сум дел од нив и стоиме заедно, изградивме заеднички став. Меѓутоа, тој став беше мачно граден. На најкрупно, мислам дека јавноста треба да знае, тоа веќе го споменав до некаде, во битката внатре за градењето на заеднички македонски позиции во два наврати бев принуден и да се заканам со оставка дека ’ако одиме вон оваа линија, тоа ќе мора да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен’.

Тоа му го кажав и на премиерот, во присуство на министерот за надворешни работи Османи – оваа работа без мене. Последниот пат, бидејќи беа актуелни преговорите со Алтернатива околу идната влада, реков: ’Еве и ќе олеснам, ако одите вака, моето вицепремиерско место, ќе ги олеснам тие преговори, може да го понудите на политичката партија Алтернатива‘.“

Во продолжение, Димитров нагласи дека неговите критики кон сегашниот и иден МНР Бујар Османи немаат никаква врска со неговата етничка припадност, туку се темели на лично сведоштво на искажани ставови и во рамките на внатрешната координација, а и на информации што ги добивал од министри и амбасадори на земјите членки на ЕУ:

Ќе биде погубно за нашата заедничка куќа ако Македонците не се грижат за албанските интереси и ако Албанците не се грижат за македонските интереси. Ако беше предмет на предизвик албанскиот јазик, јас ќе го бранев со иста страст како што го бранам и македонскиот јазик.

Мислам дека ќе биде нечесно ако во името на некакви колегијални односи за толку крупно прашање, јас мојата проценка не ја споделам јавно, во ситуација кога веќе нема да бидам таму за да можам самиот да го носам тоа гајле, бидејќи работата на интерна координација кога ќе дојде во таа мера кулминирачка, кога човек за да обезбеди тоа што мисли дека е преважно да каже: ’луѓе ако сакате да одите вон ова ќе мора да одите без мене, не можам да бидам дел од ова, додека сум јас на оваа маса за ова не може да се разговара‘. Оттаму ми се мене елементите и оценката. Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа. Меѓу другото, тој и во јавност имаше изјава кога кажа ‘мислам дека Бугарија веќе не оди кон идентитетските прашања’, а приговорот на Бугарија кон македонскиот јазик во преговарачката рамка до ден денес, за жал, уште не е симнат. Нема јасен сигнал од таа страна дека се свесни дека без таа работа нема договор. Мене не ми е целта да го нападнам или политички да му наштетам на Бујар Османи. Мене ми е целта да ја предупредам македонската јавност дека гајлето ќе мора да се бере.

Реално, треба да бидам фер, да дадеме шанса. Ќе имаме нов премиер, ќе видиме како тој ќе се постави. Поздравувам тоа што кажа дека ќе ги следи линиите поставени од Декларацијата за македонските позиции усвоена во Собранието. Истовремено, ги повикувам да имаат владин став за тоа дали евентуалното решение ќе оди во Собранието на одобрување, бидејќи токму Бујар Османи кажа дека не мисли дека е добро решението да оди во Собранието. Дури и само таа изјава мене ми е доволна и ми прави еден прашалник и бара посебна внимателност.“

Во однос на неговиот предлог евентуалното решение за надминување на разликите со Бугарија да оди на одобрување во македонското Собрание, Димитров појаснува:

Мојата цел којашто веќе е делумно постигната и со самата прес-конференција, и со целата оваа јавна дебата што се отвори како реакција на прес-конференцијата, бидејќи мене ми беше целта во нашото општество и во нашиот политички систем да се изградат филтри за да не се направи грешка на ова преважно прашање.

Сосема легитимно и отворено велам дека со намера го иницирав тоа што го кажав тоа на сесијата на Националниот совет за евроинтеграции, дека би било упатно со оглед на Декларацијата, со оглед на тоа што и Бугарија ќе оди по тој пат преку нивното Собрание, тоа да го направиме и ние, затоа што тоа додава еден филтер и една можност за транспарентност и за зголемена доверба за решение.

Јас не сум апсолутен арбитар, апсолутниот арбитар во секоја демократија знаеме кој е, тоа се граѓаните кои што гласаат, даваат доверба, одземаат доверба. Меѓутоа, јас сум човек што многу живее со овие прашања, кој што со нив се бави практично од ’90-те години, а посебно од 2003-та – тоа се веќе 18-19 години. Јас сум човек што го потпиша Преспанскиот договор кој што беше можен токму затоа што Грција го прифати нашето право да кажеме кои сме и каков јазик зборуваме – Македонци кои зборуваат македонски јазик. Тоа е столбот од наша призма на кој што се темели Договорот. Што пак донесе НАТО членство, ја затвори приказната во ОН, ни донесе нов пријател во лицето на европска Грција.

Мојата одговорност и совест налага да го правам ова што го правам. Едно општество е силно кога луѓе што повеќе интегритет, дали биле во или вон Влада, дали се пратеници, дали се новинари, дали се експерти итн.Јас бев на избори, таму си дадов определени ветувања. Има круг на луѓе кој што верува во мене и јас имам право да зборувам гласно во интерес на тие луѓе кои веруваат во мене.“

За одговорите во 5+1 документот, Димитров вели дека ги поддржува и открива дека има една точка што е особено значајна за македонското прашање и нам потребнa:

 

Таа точка очекува од Бугарија да ја одобри преговарачката рамка, да даде зелено светло за првата меѓувладина конференција со која што почнува пристапниот процес кон ЕУ и тоа да биде направено на линија на португалскиот предлог, според кој, многу чисто, без никакви дообјаснувања си стои македонскиот јазик. Надгледувањето, мониторингот на тоа како ќе оди имплементацијата на билатералната патека, тоа што ќе биде аранжман, протокол, договор како и да го наречеме – тоа да биде во Советот за стабилизација и асоцијација, тоа беше од португалскиот предлог.

Мислам дека идејата да не се зборува само за историјата, која што е важна меѓутоа не можеме да ја смениме, туку да зборуваме за прашања кои што ни се важни денес и утре: економска, културна, одбранбена соработка, инфраструктура итн. е добра идеја и на некој начин и охрабрува бидејќи тие се полињата каде може да направиме разлика и напредок.

Има една комплексна политичка ситуација во Софија и мислам дека крајниот исход дали ќе има вистина пробив или нема да има, во голем дел зависи и од таа комплексна политичка ситуација: коалициска влада од четири партии, шеф на држава, претседателот Радев кој што – дури и Советот за национална безбедност го свика за да се разговара за ова прашање.

Димитров посочи на меѓународната поддршка за македонското прашање, создадена меѓудругото и врз основа на неговите заложби:

Ние успеавме и тоа не падна од небо, 26 земји членки ценат дека е крајно време да се почнат преговорите. Во таа смисла, со француското претседателство, една од големите локомотиви во Унијата, со големи амбиции, со најава на Самит ЕУ – Западен Балкан во јуни и ова што го слушам преку дипломатски канали, со намера да има четири меѓувладини конфернции во јуни (со Србија, Црна Гора, нашата Македонија – Македонија и Албанија), ако успее тоа тука гледам едно охрабрување.

Имаме нова германска Влада, коалиција која што за прв пат во историјата на германските влади има параграф за нашата мака во програмата на коалцијата, која што вели дека во однос на Балканот и политиката на проширувањето – овие две земји (Македонија и Албанија) мора да почнат преговори.

Имаме една ситуација каде Вашингтон се’ повеќе гледа дека ова има веќе геополитички последици. Во ситуација кога Европа и САД се многу зафатени со проблемот со Москва во контекст на Украина и мобилизацијата на руското воено присуство околу Украина; во ситуација кога е разнишан регионот, посебно итно гледаат на Босна и Херцеговина – ние сме најочигледниот тест како да почнат работите да се менуваат кон подобро. И во таа смисла геополитичката тежина на нашата мака е зголемена.

Делумно е ова одговорност на ЕУ, која што е комплексна машинерија. 27 земји едногласно одлучуваат за ова прашање, си имаат и свои маки, но за жал ова прашање се прекрши на наша глава. Каква е пораката на овој епилог за другите балкански држави?“.

За предочувањето дека тој самиот не се согласувал и со други политики на Владата, вклучително и за справувањето со КОВИД пандемијата, за што со своја реакција се произнесе министерот за здравство Филипче, Димитров одговори дека неговата борба ја водел на владините седници и за тоа постојат стенографски белешки:

Кога сте дел од еден тим, мора да се борите од внатре. Гајлето најголемо кое што го носев јас, сега бидејќи не сум внатре, треба да го носиме сите, во однос на темата на Бугарија.

Не сум бил никогаш до ден денешен член на политичка партија, притоа, не секогаш слушав туку често и се борев и ми врвеше гласот и дома, бидејќи бев на избори, тоа посебно ме охрабри. Некои битки ги добивав, некои губев. Природно е оваа ситуација. Природно е некому да не му се допаѓа. Нашата суштинска битка е ако не зборуваме малку појасно, помалку фрази и флоскули и не ги употребуваме вистинските зборови за нашите маки и проблеми и сме лојални на буквите на партијата без разлика што прави таа, ако партијата рече лета магарето и ако сите членови на партијата речат “да, лета магарето“ – не оди така, тоа е старата политика.

Додека бев внатре апсолутно не молчев, дури ни во јавност, а посебно внатре. Второ јас не останав на улица, мене ми понудија исклучително привлечна позиција. Благодарам за тоа. Можев да одам таму со пет пати поголема плата, ама да молчам. Јас одбрав да останам дома и да бидам уште погласен бидејќи можам и бидејќи такви се околностите, треба. Ние ако не го залуламе тој чамец на клиентелизмот за да не знае што го снашло, никогаш нема да успееме да одиме напред. Ако младиот човек – Македонец, Албанец, Турчин, Србин, било што, наш граѓанин не аплицира…знаете дека на конкурси речиси луѓето не аплицираат ако не се на некаков список.“

Димитров за крај подвлече дека досегашните функции во Владата на Заев ги извршувал како непартиски член при што сосема ја оправдал довербата, а останува активен чинител во нашето општество за прашањата кои се важни за да се обезбеди подобра иднина, особено за младите.

Прашање е дали нашиот најголем успех ќе беше да не бев јас. Јас Заев го почитувам, ние бевме исклучително блиски соработници и би било непристојно да се растрескаме толку брзо по таа соработка, јавно. Можам да зборувам крупно како наша одговорност. Нашата одговорност по Шарената револуција, да потсетиме, нашата задача беше: пристојност, правда и ред. Повикот беше „нема правда, нема мир“.

Доста работи се направија, меѓутоа далеку од тоа што сакаме и каква сакаме да си ја видиме татковината. Во таа смисла, нашата одговорност е многу поголема од одговорноста на Груевски. Мислам дека резот не го направивме целосно и – со компромис тука, грешка таму, па добар потег, приказната е шарена. Нам ни треба глас, отворање на тој непријатен разговор – зошто бре луѓе не може директорите на јавните компании и клинички центри да бидат независни, дури и малите партии го прават тоа. Може ли да се бориме да се укине потребата од партиски услуги? Млади луѓе не аплицираат на работни места, бидејќи мислат дека се однапред договорени.

Прво, преку јавни настапи, но и со конкретни иницијативи. Мислам дека е рано да зборуваме за политичка партија, само можам да кажам дека ќе бидам културен, но и исклучително непријатен на овие теми, време е дома да почнеме сериозно и искрено да разговараме за нашите проблеми, каде сме денеска и каде сакаме да одиме. Ќе зборувам помалку за актуелните играчи и за грешките на минатото, а ќе зборувам многу повеќе за модели како може да го подобриме животот и вербата на луѓето. Ние не сме ништо понеспособни од било кој друг народ во светот. Како тоа младите не можат да си ја видат иднината дома? И зошто луѓето се бават со политика? Се бават за да направат нешто добро и трага, или за да ги возат со кола?“ – заврши Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.