Идејниот творец на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, вечерва се обрати на граѓанската трибина организирана по повод шест месеци од формирањето на здружението и една година од реалниот граѓански концепт од граѓаните и за граѓаните во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Во своето обраќање, Димитриевски потенцираше дека граѓаните се тие што ја даваат силата и мотивот да работат уште повеќе, посветено, мотивирано и за Куманово и за државата.

Различни од вера, од нација, од политичко убедување, но сите кумановци заедно за нашиот град, за наша Македонија. Сакам да ве поздравам сите мои кумановчанки и кумановчани, да ве поздравам сите горди и достоинствени луѓе што вечерва сте заедно овде во оваа сала заедно со нас, Ви е поклонувам на сите. Нека ве гледаат, нека Ве бројат и нека калкулираат, а на крајот и нека фотошопираат, бидејќи со притисок, уцена и закана се добива само повратен одговор „Не“ и црвен картон. А тоа го научија од оние што беа пред нив и за жал ништо не научија“, рече Димитриевски.

На самиот почеток, тој го поздрави неговиот противкандидат од последните локални избори во Куманово Беким Салиу и истакна дека тој бил еден од ретките кои многу чесно, достоинствено одговарал за секое прашање и упатувал конструктивна критика.

Пред една година реков, на првиот собир бевме триесетина луѓе и малку имаше разочараност, навикнале луѓето на масовни собири. Велам другари, колку сме толку сме, какви сме, такви сме, тие сме и ќе победиме! Вечерва велам колку сме толку сме, многу сме и повторно ќе победиме. Повторно! Велеа сами сте и точно е бевме сами. Но, со нас и зад нас ги имавме граѓаните. Рамо до рамо се боревме и ја добивме битката. Но, битката добиена не преставува привилегија, туку претставува уште поголема одговорност, бидејќи овој град е потребно да се менаџира и дополнително да се изгради и трансформира во едно модерно и урбано место за живеење. И ние заедно со тимот „За наше Куманово“, со претседателката на Советот, раководството, мнозинството во Советот, вработените во општината и со поддршка на граѓаните од ден на ден го правиме тоа“, потенцираше Димитриевски.

Димитриевски посочи дека во оваа сала пред некаде две недели рекле оставете го Максо, сам е тој.

„Ај, што не направи ништо, па велат потрошиле 200 милиони евра во Куманово, инвестирале. Па од овде бидејќи немам намера да ги споменувам многу само ќе им кажам, знаете ли луѓе што се 200 милиони евра? Знаете ли дека со 200 милиони евра еден нов град се гради. Па, кај е тој нов град во Куманово што го изградија? А не само што шајка не заковавте, камен на камен не оставивте во овој град. Колатерална штета сте во историја на овој град, повеќе министри и премиери не помислиле, а буквално ништо не направиле за оваа општина. Па ќе завршат функциите, како ќе се појавите тука да испиеме кафе и во Корзо, и во Бруклин, и на плоштад? Па со кого ќе пиете кафе бе луѓе?  Дали сте свесни дека тоа што вие го правите денеска всушност ќе го чувствуваат идните генерации? А тоа што ќе почувствуваат идните генерации ќе биде само за срам и ништо повеќе. Затоа сме ние вечерва тука, дополнително да ги охрабриме луѓето и да направиме едно ново движење кое ќе тргне од Куманово преку Прилеп, од Прилеп до Крушево, од Крушево во Тетово, од Тетово ќе се рашири низ цела Македонија, затоа што Македонија тоа го заслужува, затоа што Македонија тоа го бара и затоа што кумановчани и овие одважни луѓе секогаш во историјата знаеле кога е вистинскиот момент да застанат на прагот на револуцијата да се кренат и да го кренат Македонскиот народ заедно со Албанскиот, Српскиот, Турскиот, Ромскиот, Влашкиот, да направиме едно големо движење за наша Македонија“, изјави Димитриевски.

Димитриевски информираше дека Куманово, Прилеп, Крушево и Тетово се првите градови каде се формирани граѓански здруженија поради тоа што ова се местата кадешто живеат многу одважни граѓани, храбри луѓе, со револуционерен дух, коешто не се стекнува туку се раѓа од денот на секој поединец роден на тие места, на овие места всушност е испишана револуцијата на македонската држава и државност.

„Како што Карпош и Бајрам Шабани се бореле во Втората светска војна за оваа држава денеска што сите ние ја имаме така се бореле сите наши предци и Македонија, а овие денеска тоа го распродаваат. Е тоа ние немаме намера да го дозволиме. Затоа имаме за цел ова наше граѓанско движење да тргне од врата на врата и да му ги објасни основните вредности на секој граѓанин во државата, дека Македонија почива на крушевските и асномските вредности, на крушевската револуционерна борба, на кумановските и прилепските партизани и нивните идеали за самобитност и државност, за тетовската борба против антифашизмот и секако за почитување на минатото и врз база на тоа искуство за креирање на подобра иднина, иднина во која сите ќе бидеме еднакви, сите ќе бараме да бидеме почитувани, но првенствено ќе почитуваме. Ќе почитуваме и ќе влеземе таму каде што сакаме сите, но таа Европа којашто ни ја сервираат на тацна, а им велат променете си ја историјата“, додаде Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.