Сакам да бидам претседател кој генерира решенија, ќе предлагам закони кои се во интерес на граѓаните, а не да потпишувам закони како навиен од политичките елити, порача од партискиот собир во Гостивар кандидатот за претседател на државата Максим Димитриевски од ЗНАМ.

Вечерва пред граѓаните од повеќе полошки општини во летниот амфитеатар Димитриевски остро ја критикуваше актуелна владејачка гарнитура, а нивното владеење го оцени како самовластие обременето со корупција.

Двете политички елити, алчни за власт се обидуваат сите овие дваесетина години да им се приспособат на ДУИ. Ја запоседнаа повеќе од половина извршна власт, а исто така секојдневно ја запоседнуваат и независната, судската власт. Професионалците во системот се настрана, а париските војници ги влечат сите потези, рече Димитриевски.

Тој напомена дека има решенија и мерки кои се состојат во нивниот концепт наречен „Манифест за Македонија“ Во него, како што рече, има пет конкретни решенија.

Ние го нудиме тоа што е најнеопходно – како да се надминат сите генерирани проблеми во државава и тоа во конкретни рокови. За мене како иден претседател на Македонија апсолутно е неприфатлива измена на Уставот во делот за избор на претседател во Собранието, рече кандидатот за шеф на државата и објасни дека на таков начин се крши легитимитетот на претседателот.

Кандидатот за претседател од ЗНАМ повика на масовна излезеност на 24 април и од гостиварци побара да ги повикаат нивните блиски, бидејќи, како што рече, овие избори се пресудни за иднината.

Од изборите зависи која насока Македонија ќе ја избере и дали ќе се реализира како приватна држава и сопственост на поединци или како реална граѓанска држава во којашто права ќе уживаат сите. Дадете ја поддршката за бројот седум, бидејќи знам, ќе покажам и ќе потврдам како да ја водам Македонија во вистинска насока, рече Димитриевски.

На собирот се обратија Соња Ѓорѓиевска и првиот човек на гостиварскиот огранок на ЗНАМ, Љубомир Величкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.