Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, вчера организираше граѓанска трибина по повод шест месеци од формирањето на здружението и една година реален граѓански концепт од граѓаните и за граѓаните во Куманово, на која свои обраќања имаа идејниот творец на ова граѓанско здружение и актуелен градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, носителката на листата за советници на последните локални избори и претседателка на Советот на општината Ивана Ѓорѓиевска и претседателот на здружението „За наше Куманово“ Даниел Стојчевски.
Идејниот творец на здружението Максим Димитриевски на вчерашната трибина потенцираше дека сме различни по вера, по нација, по политичко убедување, но сите кумановци се заедно за градот, за Македонија.
„Пред една година реков, на првиот собир бевме триесетина луѓе и малку имаше разочараност, навикнале луѓето на масовни собири. Велам другари, колку сме толку сме, какви сме, такви сме, тие сме и ќе победиме! Вечерва велам колку сме толку сме, многу сме и повторно ќе победиме. Повторно! Велеа сами сте и точно е бевме сами. Но, со нас и зад нас ги имавме граѓаните. Рамо до рамо се боревме и ја добивме битката. Но, битката добиена не преставува привилегија, туку претставува уште поголема одговорност, бидејќи овој град е потребно да се менаџира и дополнително да се изгради и трансформира во едно модерно и урбано место за живеење. И ние заедно со тимот „За наше Куманово“, со претседателката на Советот, раководството, мнозинството во Советот, вработените во општината и со поддршка на граѓаните од ден на ден го правиме тоа“, потенцираше Димитриевски.
Тој потенцираше дека Куманово е Европа во мало и нема да дозволи никој да чепка по идентитетот и јазикот.
„Нема да дозволам никој да чепка во историјата, затоа што ние имаме наша, сопствена историја, а не заедничка како што некои сакаат да кажат. За таа наша историја се бореа нашите предци и ја креираа, е премногу свежа за да некој денеска си дозволи се дрзне да ја менува. Затоа не ни се потребни никакви француски предлози, за да ни објаснуваат како тоа се влегува во Европа. Ќе влеземе како и сите досегашни европски нации, со крената глава, со взаемно почитување и вреднување“, рече Димитриевски.
Носителката на листа за советници од последните локални избори Ивана Ѓорѓиевска истакна дека мора да се врати вербата на граѓаните, особено на младите, затоа што развојот на градот зависи од сите нас, а особено од младите лица. Таа истакна дека повеќе не треба да бидеме држава без државотворна власт.
„Политиката бара многу лични вложувања и откажувања, многу поттикнувања, многу тешки и непопуларни одлуки, многу работа. Уште на почеток на кампањата силно верувавме дека може да испорачаме. Само луѓе што имаат чиста мисла, идеја и кои се врвни професионалци во својата област можат да работат во интерес за Куманово. Влеговме во секоја област за да се соочиме со проблемот, да најдеме решение за граѓаните. Во нашите редови има место за вредни, исполнителни луѓе, лесно е да критикуваш, тешко е да сработиш. Токму поради тоа сум во политиката, токму поради тоа го поддржав Максим Димитриевски, граѓаните во него препознаа искреност, чесност, достоинственост, исполнителност и достоинство. Куманово е гордо со него“, посочи Ѓорѓиевска.
Претседателот на здружението Даниел Стојчевски потенцираше дека граѓанскиот концепт е отворен за сите граѓани кои сакаат напредок без разлика на нивниот пол, вера, етничка припадност или политичка определба.
„Во нашето здружение може да се приклучи секој оној што сака суштински промени. Вратите од здружението се отворени за секого. Како претседател на граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ се водам од водилката на одговорно делување, транспарентно работење и грижа за секој граѓанин. Ги слушаме нашите постари граѓани, пензионерите, учиме од нивното искуство и заедно со нив имплементираме локални проекти. Ги слушаме младите затоа што за младинските проблеми можат решенија да носат само младите лица. Вложуваме во соживотот, во меѓусебната грижа и поддршка. Се трудиме животот на кумановци да го направиме поедноставен, посреќен и подостоинствен“, рече Стојчевски.
Покрај голем број на професори, уметници, спортисти и други истакнати лица, на трибината на градоначалникот Димитриевски, присуствуваа и неговиот против кандидат на локалните избори Беким Салиу и Градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш.
Гости беа и Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование, Горан Минчев, поранешен генерален секретар на СДСМ и пратеник, Марин Алексов, поранешен секретар на Градска организација на СДСМ, Благоја Стојановски, поранешен пратеник и претседател на ОО СДСМ Гази Бабa, професор Бобан Карапејовски и др.
Над 1500 луѓе присуствуваа на трибината, а салата на НУЦК “Трајко Прокопиев” во Куманово не беше доволно голема за да ги прими сите граѓани кои сакаа да присуствуваат на трибината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.