Се одважив, влегов во оваа битка за иден претседател на државата затоа што сметам дека Македонија заслужува претседател од граѓаните, со граѓаните и за граѓаните. И затоа мојот приоритет во иднина ќе бидат единствено граѓаните, нагласи Максим Димитриевски, претседателски кандидат на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија вечерва во скопски Бутел.

–  Македонија има потреба и треба да избере лидер, татко на нацијата, со интегритет, кредибилитет и карактер, кој заедно со граѓаните гордо ќе чекори во Македонија. По Илинден и АСНОМ, време е за ново изборно востание  од граѓаните, за граѓаните, е пораката која Димитриевски ја испрати од Бутел и им порача на граѓаните да ја пренесат на сите нивни сограѓани.

Димитриевски нагласи дека ќе работи на обединување на граѓаните, на обединување и на власта и на опозицијата бидејќи, подвлече, зад мене ќе го имам „ЗНАМ“ без кој власт нема да биде можна во државата.

Во однос на предлозите за избор на Претседател на државата во Собранието, Димитриевски е дециден дека претседателот треба да се избира на непосредни избори.

–  Вие граѓаните го давате легитимитетот на претседателот и на тој што ќе го изберете да ве претставува и заштитува. Ветувам дека ќе бидам претседател од граѓаните, со граѓаните и за граѓаните, рече кандидатот за претседател на „ЗНАМ“.

Додаде дека иако парламентарна Република, Парламентот, како што истакна, е сведен на дното, а извршната власт и политичките лидери го дефинираат темпото како тие да бидат гласачка машинерија.

Според кандидатот за претседател на државата на Движење ЗНАМ-За Наша Македонија, заслужуваме како држава еднаш засекогаш, по 30 години зрелост да дефинираме национални црвени линии. Затоа  во рамки на кампањата, а и дополнително како избран претседател на државата, Димитриевски, како што рече, ќе понуди конкретни решенија за решавање на сите проблеми, меѓу кои ги спомена борбата против корупцијата, за самоодржливост на државата, како и зајкнување на дипломатските капацитети на Македонија.

– Корупцијата и криминалот се рак – рана на Македонија. Ќе излезам со формирање специјален тим и стратегија за борба со корупцијата за нејзиното искоренување во државата, пред се политичката корупција, која не остава простор за делување на нови и свежи сили во државата, рече вечерва во Бутел, Димитриевски.

Додаде дека Македонија никогаш не била на вакво „дереџе“ како што е денес.  Во континуитет повеќе од 30 години се менуваат едни доаѓаат други и така, истакна Димитриевски, 30 години не врата во круг, а граѓанинот го дробат на ситен камен.

– Вие денеска живеете во држава во која плаќате за лекување, а немате лекување, плаќате судии, суд има правда нема. Плаќате обвинители, обвинители има, обвиненија против властодршците нема. Народот и граѓаните плаќаат за се, а на крајот не добиваат ништо, истакна Максим Димитриевски во Бутел, а претходно својата програма и пораки ги сподели со жителите на Чучер – Сандево.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.