Движењето за наша Македонија – „ЗНАМ“ ги собра потребните потписи согласно Законот за регистрација на политичките партии и следниот чекор, како што денеска изјави творецот на оваа иницијатива Максим Димитриевски, ќе биде поднесување на документите пред надлежниот суд за регистрација.
Според Димитриевски, кој е актуелен градоначалник на Куманово, подготвени се да излезат на избори без разлика кога и да се одржат, но од економски аспект подобро би било да се одржат во ист временски период.
Движењето ЗНАМ за наша Македонија е подготвено да излезе на фер, демократски и легитимни избори кога и да се одржат без разлика дали се работи за претседателски или парламенарни избори, но секако треба да се водиме и од тоа дека треба да се прават заштеди во Буџетот. Еден изборен круг чини многу пари и можеби е многу попрагматично државата да организира избори во ист временски период. Како и да одлучи парламентараното мнозинство, ние ќе ја почитуваме таа одлука, ќе се организираме и ќе излеземе на избори, изјави денеска Димитриевски.
Очекува победа на изборите и преземање на одговорноста да менаџираат со државата.
Можеби тоа некому му звучи нереално, но така беше и за Куманово и тоа се случи. Верувам дека со оваа енергија и со дополнителните тимови што ќе ги изградиме, ќе бидеме во можност да понудиме реално остварлива програма, рече Димитриевски.
За анкетите што изминатите денови се пласираа во јавноста, Димитриевски рече дека тие не ја отсликуваат реално ситуацијата и оти со нив се манипулира со јавноста.
Одлуките кои ќе бидат кандидатите за претседателските и за парламентарните избори, како што посочи, ќе ги носат партиските тела врз основа на реални сондажи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.