Го осудувам јавно вчерашниот протокол и организацијата при пречекот на косовскиот Премиер Албин Курти во Општина Чаир, како и одлуката за промената на името на улицата Втора Македонска ударна бригада, реагира кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски
– Неинтонирањето на државната химна, неистакнувањето на државното знаме, интонирањето на химната на друга држава и истакнувањето само на знамињата на заедницата и знамињата на туѓа држава е спротивно на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија и Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, потсетува тој во неговата објава на Фејсбук.
Истакнувањето на обележје на јавен собир во Тетово од т. н. голема Албанија е спротивно на Уставот и Законите на државата, вели Димитриевски кој ги повикува надлежните, во овој случај МВР и ОЈО да постапат согласно овластувањата и превземат постапки против одговорните и сторителите а надлежниот суд истите да ги санкционира доколку, како што вели, се уште оваа власт има супрематија.
Димитриевски поставува јавно прашање до раководството и неговите довчерашни сопартијци: За ваков ли соживот и взаемно почитување се боревме под паролата” Едно општество за сите”?!
– Како се чувствувате денеска кога спомените на нашите паднати дедовци и баби, партизани, антифашисти од НОБ (од сите народи и народности од Македонија во тоа време) СЕ БРИШАТ и менуваат со имиња на борци за национални каузи? Вие втор ден молчите а молкот во овој случај е повеќе и од срам, вели Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.