Техничкиот премиер Талат Џафери, упати честитка за празникот Курбан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, како и до членовите на Ријасетот, муфтиите и до верниците од исламска вероисповед, во која истакна:

„Задоволство ми е во име на Владата на Република Македонија и во мое лично име, да упатам искрени честитки по повод големиот муслимански празник, Курбан Бајрам, и да ја изразам радоста што овој свет ден го дочекуваме живи и здрави.

Ви посакувам лично Вам, на членовите на Ријасетот, муфтиите, припадниците на Исламската верска заедница, како и на сите верници од муслиманска вероисповед, над сѐ добро здравје, широкоградост, солидарност и правење добри дела кои ќе им ја облагородат душата и ќе му дадат вредност, мотив и квалитет на вашиот живот.

Во исто време, посакувам аџиите кои актуелно се молат и ја оддаваат потребната почит на светиот пат на аџилакот, да упатат молитви и за сите граѓани и за Република Македонија, нашата заедничка држава, за успешна година, во мир, во благосостојба и виден напредок во секое поле од општествениот и меѓународниот живот. Покрај молитвите, сите заедно да го направиме тоа што можеме за да осигуриме мир, благосостојба, и сигурен живот за оние што во ова време се засегнати од војни, болести и природни несреќи, затоа што животот е свет и сите треба да му се радуваат подеднакво.

Курбан Бајрам нека биде причина за собирање околу семејното огниште, за споделување на радостите, успесите, меѓутоа и грижите и проблемите, затоа што семејството е суштинското јадро и клетка од која почнува и се гради здраво општество со позитивни вредности и стандарди. Нека е честит и за многу години празникот Курбан Бајрам!“, напиша премиерот Џафери во честитката до поглаварот на ИВЗ, Фетаи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.