Ми претставува чест и задоволство од име на пратениците во Собранието на Република Македонија и од свое лично име да Ви го честитам овој важен ден за ромската заедница, Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април. По тој повод, ја користам приликата да Ви посакам на сите вас почитувани граѓани припадници на ромската заедница, да го гледате овој ден како признание и потврда од страна на државата, институциите, вашите сограѓани и општеството во целост дека вие сте неизоставен дел од цел овој мозаик, се вели во честитката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, за 8 април,  меѓународниот ден на Ромите.

Тој посочи Ромите со нивниот придонес и активност се важен чинител во остварувањето на определбата на Република Македонија за полноправно членство во европското семејство, со креирање на општество втемелено на идентични вредности како на Европската унија.

– Нека оваа година биде година на промени кон подобро за сите граѓани на Република Македонија, нека биде година во која ромската заедница и самата ќе си го отвора патот кон подобрување на квалитетот на живот за себе, за своите деца со масовно интегрирање во општественото јадро. Наша обврска како држава и државни институции е да бидеме до Вас во секој чекор напред. Честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, стои во честитката на Џафери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.