Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Прајс Агелер.

Џафери ја истакна посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на  Македонија со Соединетите Американски Држави и нагласи дека и на новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

На средбата, премиерот и амбасадорката разговараа за потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, и вложување на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори.

Техничкиот премиер нагласи дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, двајцата соговорници се согласија дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.

Амбасадорката Агелер му го честиташе изборот на премиерот Џафери, истакнувајќи ја важноста од неговата улога во демократскиот развој на земјата како прв претседател на Собранието, Албанец и прв претседател на Владата на  Македонија, Албанец во историјата на земјата. Агелер потенцираше дека изборот на премиерот Џафери испраќа силна порака дека, како и во Соединетите Американски Држави, така и во Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна.

Амбасадорката ја истакна силната поддршка на САД на патот на Македонија кон Европската Унија и изрази подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат.

Премиерот Џафери ја нагласи определбата на Владата за активно продолжување на процесите и реформите врзани за евроинтеграцијата на Македонија, со цел отворање нови можности за поголем економски просперитет и демократски развој. Меѓу другото, премиерот ја извести амбасадорката и за предлог Законот за рестриктивни мерки за кој се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница.

Премиерот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за стабилноста и просперитетот на Македонија и истакна дека нашиот придонес во колективната безбедност како земја членка на НАТО, ќе продолжи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.