Дијалогот меѓу политичките чинители во едно демократско општество има посебно место како единствен начин во решавање на политичките недоразбирања и усогласување на различните мислења, а Парламентот е арена на која се вкрстуваат различните политички гледишта и интереси и сите треба да бидат слушнати, порача денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на Конференција за демократијата во Европа, што се одржува во шведскиот главен град Стокхолм.

Впрочем, смислата на демократијата е токму во правото на секој парламентарец да учествува во парламентарна расправа и дијалог. Затоа е јакнењето на политичката култура клучна во развојот на демократијата, рече Џафери.

Тој истакна дека во изминативе триесетина години, земјава мина низ многу премрежија на својот демократски развој и сепак и покрај сѐ, денес сме држава која ги започнува преговорите со Европската Унија за полноправно членство, членка на НАТО и лојален партнер на меѓународната заедница, што секако голема придобивка за нас и за развојот на нашата демократија.

Улогата на Парламентот и на парламентарците, во процесот на јакнење на демократијата и владеењето на правото е важна и голема и ние треба да работиме многу на јакнењето на суштинската демократија која ќе ја чувствуваат граѓаните и конкретно, а не само формално. Формалната демократија претставува само формално-институционална рамка за демократијата, еден збир на формални правила и постапки, додека пак суштинската демократија, кон која треба да се стремиме, претставува состојба во општеството и тенденција кон постигнување на рамноправност. Оваа разлика меѓу формалната и суштинската демократија е многу повеќе изразена во земјите од Источна Европа. А во овој контекст на суштинска демократија, меѓу другото, од круцијално значење е и карактерот на Уставот, перцепцијата за човековите права, улогата на политичките партии, улогата на медиумите, граѓанското општество итн., истакна Џафери.

Тој нагласи дека земјава на патот од формална до суштинска демократија помина низ повеќе фази, при што со Уставот од 1991 година таа се прокламираше како либерално-демократска држава, заснована на начелата на демократија и владеење на правото.

Кај нас беше потребно и сѐ уште е потребно време за етаблирање на онаа суштинска демократија, која јас ја разбирам како начин на кој политичките елити учествуваат на политички натпревар со еднакви и фер правила, каде рамноправно учествуваат во процесот на носење на политичките одлуки или, како што би рекол Абрахам Линколн, цитирам, „Демократијата е владеење на народот, од народот и за народот“, рече Џафери,

Собранискиот претседател потсети дека во 2001 година беа усвоени измени на Уставот со кои еднаквите колективни права на различните етнички заедници станаа едно од основните политички начела на државата, а во 2019 година, по Договорот од Преспа со Грција во однос на името на државата, со уставни амандмани беше сменето името на државата во Република Македонија.

Сега, повторно пред нас стои „предизвик“, односно, потреба од нови уставни измени предвидени согласно Преговарачката рамка со Европската унија. Тоа е всушност т.н. „француски предлог“ со кој прифативме компромис и се согласивме во Уставот да ја вметнеме и бугарската заедница која живее во Република Македонија. Се надевам дека оваа обврска ќе биде завршена за конечно и конкретно да ги започнеме преговорите со Европската унија, додаде Џафери.

Според него, парламентарците може да дадат голем придонес во надминување на предизвиците поврзани со поделбата на власта, процесите на контрола и демократизација на политичките елити, борбата против корупцијата, заштита и унапредување на човековите права, негување на добрите меѓуетнички односи и дијалог и за развој на парламентарната дипломатија.

Сето ова е во рацете на парламентарците и тој придонес се одразува врз развојот на демократијата. И во процесот на отвореност и демократизација кон граѓанскиот сектор, парламентите во либералните парламентарни демократии имаат важна и централна улога, рече Џафери.

Тој потенцира дека во насока на јакнењето на делотворноста на пратениците и демократизацијата на Парламентот, нашето Собрание донесе „Етички кодекс за пратениците“, како и дека очекува низ политички дијалог и взаемен консензус да бидат усвоени и измените во собранискиот Деловник во рамките на Процесот на Дијалогот „Жан Моне“, а додека во однос на транспарентноста на демократските процеси и отвореноста кон граѓаните на интернет страната на Собранието е активирана функционална алатка или „е-прозорец“, каде граѓаните имаат пристап  до работата на законодавниот дом и за пријавување за негова организирана посета.

Како раководство на законодавниот дом, се залагаме за транспарентност пред сите политички и општествени чинители и отвореност за разни иницијативи на барање на граѓанскиот сектор. Истото важи за сите граѓани, и за маргинализираните групи на граѓани. За да се чуе гласот и зајакне политичкото учество на маргинализираните групи во Собранието,  во 2018 година, првпат е формирана меѓупартиска парламентарна група за правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата, потсети Џафери.

Според него, сето ова придонесува во доближување на граѓаните до нивните претставници во законодавниот  дом.

Ќе завршам со искрена желба и надеж дека за нас, земјите од Источна Европа, нема да важи правилото дека „во демократијата, првите 100 години се тешки“, туку многу побрзо ќе се приклучиме кон развиените демократии со долга традиција, заклучи претседателот на Собранието.

Џафери на Конференцијата во Стокхолм предводи собраниска делегација во чиј состав се пратениците Соња Мираковска, Ремзи Мехмеди и Никола Мицевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.