На девет општини од Македонија, шест од Косово и три од Хрватска денеска им беше доделена „Европска ознака за извонредно управување” од страна на Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА). Како што е наведено, овие девет општини учествуваа во проектот и успешно го спроведоа процесот на самооценување на нивната работа, при што покажале високо ниво на усогласеност со 12-те начела за добро демократско управување на Советот на Европа.

Деветте општини кои ја добија „Европската ознака за извонредно управување” во земјава се:

  • Аеродром, каде градоначалник е Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ
  • Берово на градоначалникот Звонко Пекевски од СДСМ
  • Битола предводена од Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ
  • Виница со Миле Петков од ВМРО-ДПМНЕ
  • Куманово на Максим Димитриевски од „За наше Куманово“
  • Неготино, градоначалник Горан Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ
  • Новаци со Стевче Стевановски од ВМРО-ДПМНЕ
  • Радовиш на Ацо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ
  • Штип на Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ

Во обраќање на настанот министерот за локална самоуправа Ристо Пенов нагласи дека многу е важно што станува збор за стандарди на Советот на Европа и што целиот процес го води оваа организација.

Во нашава земја најголем предизвик на сите нивоа на управување е зачувувањето на човечкиот капитал и вложувањето во него, истакна Пенов.

Тој информираше и дека меѓу деветте општини од земјава кои ја добија ознаката „Европска ознака за извонредно управување” е и една рурална општина.

На настанот се обрати и претседателот на АЛДА, Оријано Оточан, кој го објасни целиот процес на усвојувањето на 12-те принципи на асоцијацијата и како се тие спроведени во Хрватска.

„Европската ознака за извонредност на управувањето“ е воспоставена од Советот на Европа, а почнувајќи од 2021 година, АЛДА e акредитирана организација да го спроведува проектот во Македонија, Хрватска и Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.