Ве известуваме дека со цел спречување на родова дискриминација, на ЈЗУ У Клиника за детски болести ќе се примаат и татковци придружници кога тоа е неопходно и доколку одделот има можност за тоа. Пациентот и таткото придружник треба да бидат сместени во соба каде исто така престојуваат пациент и татко придружник, доколку тоа го дозволува карактерот на болеста.

Ова е соопштение кое стои на огласната табла на Детска Клиника. Доаѓа откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) пред неколку месеци ѝ препорача на Клиниката за детски болести во Скопје во рок од 90 дена да ја отстрани дискриминаторската практика и да пронајде начин да овозможи услови татковците да ги придружуват своите хоспитализирани деца под еднакви услови и да имаат ист третман како и мајките на хоспитализираните деца.

Но дали ова се почитува во пракса или е само одлука на хартија, зошто хартијата трпи сѐ?! Родителите и понатаму се жалат дека имаат проблем затоа што не се дозволува таткото да биде придружник додека детето лежи во болница.

-Двете деца ми беа со висока температура која тешко се спушташе. Постарото и повраќаше поради што морав ноќта да го однесам на преглед. Сопругата остана дома со помалото. На Детска Клиника ми рекоа дека е дехидриран и мора да биде хоспитализиран. Реков дека јас ќе останам со него, но не ми дозволија под изговор дека има само еден слободен кревет, а во таа соба веќе лежи мајка. Морало да дојде мајката, која беше дома со мало дете со висока температура. Останав јас дома сам со мало болно дете, сопругата со големиот во болница иако сметав дека за детето дома кое е болно е подобро да остане со мајка му, а јас да бидам со поголемиот со оглед дека сепак во болница има доктори, сестри, нема да сум сам со болно дете. Но немало соба… Наводно. Сопругата беше сместена сама во соба со детето, сосема спротивно од она што ми го кажаа кога ги хоспитализираа. Очигледно во нивното соопштение она „ ќе се примаат и татковци придружници кога тоа е неопходно и доколку одделот има можност за тоа“ е ставено за изговор за да не се примаат татковци. Праксата со родова дискриминација немаат намера да ја променат – вели татко на 6 годишно дете кое било хоспитализирано.

Тој не е единствениот кој се соочил со ваков проблем. Мајка на бебе раскажува дека била приморана да го остави бебето, доенче дома, затоа што болницата не дозволила таткото да лежи со болно дете.

-Имам три деца, едно доенче. Најстарото се разболе и мораше да биде хоспитализирано. Сметавме дека е најдобро таткото да остане со него, а јас да бидам дома со останатите две, од кои едното неполни 3 години, другото неполна година. Но не ни дозволија, немало соба во која може татко да биде сместен. А имаше празни соби на катот каде што бев сместена. Прашав, ми креваа раменици, не знаеле зошто дежурниот доктор кој не хоспитализираше проценил дека нема услови таткото да биде придружник – изјавува мајка на хоспитализирано дете.

Со истиот проблем се соочило и семејство со дете со пречки во развој. Се работи за 7 годишно детенце, на кое му треба помош при движење, станување, одење во тоалет.

-Детето веќе е големо и е тешко за кревање. Мајка му доби хернија од кревање, треба да се оперира. Побаравме дали има можност јас да бидам придружник но не ни дозволија, немале услови и пракса за такво нешто. Не се објаснувавме зошто бараме јас да останам, а не мајката. Рековме такви се правилата, ќе стиснеме заби ќе истуркаме. Дури откако излеговме од болница разбравме дека има одлука од Комисијата за дискриминација дека треба да се дозволи татко да остане со детето во болница наместо мајка – коментира татко на кој му била ускратена законската можност тој да остане во болница со болното дете.

Родителите бараат да се преземат мерки и да и се оневозможи на Детска Клиника да ја заобиколува одлуката на Комисијата за дискриминација со која се бара да се пронајде начин да се овозможат услови татковците да ги придружуват своите хоспитализирани деца под еднакви услови и да имаат ист третман како и мајките на хоспитализираните деца. Со самото соопштение на огласна табла дека ќе се примаат и татковци придружници кога тоа е неопходно и доколку одделот има можност за тоа Клиниката си остава простор да продолжи со дискриминаторскиот однос.

-Не е Клиниката таа која треба да процени дали е неопходно таткото да остане со детето наместо мајката. Тоа е одлука на семејството, а клиниката да не дискриминира. Ако и се дозволат вакви изговори на Клиника одлуката на Комисијата останува само на хартија – велат родителите.

Во одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација стои дека ако лицето кон кое е упатена препораката не постапи по истата, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци. Според нив продолжената дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.

Но уште при објавување на одлуката Клиниката ја известила Комисијата дека како јавна здравствена установа постојано прави напори за да обезбеди колку што е можно подобри и посоодветни услови за заштита и грижа на здравјето на децата, но има ограничен простор на располагање, па поради тоа просторните услови не дозволуваат физички односно во различни простории да се поделат децата кои се со придружник мајка и децата кои се со придружник татко.

Клиниката наведува дека и во ваква ситуација кога болничките соби се сместени повеќе лица во придружба со нивните мајки, за мајките би било несоодветно во истата соба да биде сместено и возрасно лице од машки пол имајќи предвид дека во истите простории придружниците поминуваат повеќе денови па истите користат тоалет, се пресоблекуваат итн. Единствена причина поради која евентуално би можело да се случи на родител-татко да не му биде дозволено да биде придружник на своето дете во нивната клиника е поради тоа што не е соодветно родители од различни полови заедно со своите деца да престојуваат во заеднички простории.

Во својата одлука, Комисијата посочува дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува секоја дискриминација врз која било дискриминаторска основа, вклучително и полот.

Продолжена дискриминација претставува потежок облик на дискриминација-дискриминација што е вршена врз едно лице или група непрекинато, во подолг временски период , врз дискриминаторски основи е утврден во случајот од причина што е земен во предвид и фактот дека дискриминација по ова прашање се констатирала и во 2016 од Народниот правобранител и дека и покрај тоа што се дадени препораки и насоки за отстранување на дискриминацијата до Универзитетската клиника и директорите на клиниките каде што постојат детски одделенија сѐ уште не се спроведени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.