Денешната Македонија не е онаа Македонија за која што сонуваше мојата генерација и другите генерации. Ова е мој став, и зборувам со силата на аргументите и бројките и можам тоа да го потврдам. Денеска луѓето се несреќни. Ако го мерите јавното мислење ќе видите дека огромно мнозинство граѓани велат дека Македонија се движи во погрешна насока, дека државата оди во лош правец, дека се несреќни, дека нема надеж и дека оваа влада треба да замине, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за МТВ.

Мицкоски истакна дека денеска Македонија е посиромашна од претходно, понижена, омаловажена, поделена внатрешно, политички поделена, концептуално поделена и наместо да одиме напред ние како општество назадуваме.

-Изгубивме 5 години кои многу ќе ни значат понатаму и од тие причини секоја идна влада, а тоа сум убеден дека ќе биде владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафати со сериозни реформи кои ќе ја придвижат Македонија напред, односно ќе донесат поквалитетен живот и ќе ја вратат надежта кај луѓето, рече Мицкоски.

Тој посочи дека денеска 8 од 10 студенти велат дека по студирањето си одат оттука и луѓе со професија, луѓе со знаење, со цели семејства ја напуштаат Македонија.

-Не сакам да зборувам за сите недостатоци како општество, нефункционален систем, немање работна дисциплина, раководни позиции на политичари кои се грижат за себе и лични привилегии. Тоа е денеска ситуацијата во Македонија со оваа влада, нагласи Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.