Демократскиот сојуз бара одговорност од министерот за правда поради злоупотреба на службената положба со тоа што донел Упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците утврдени со Законот за матични евиденции, додал нова графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност.
Во матичните евиденции не може да се менуваат податоците, тоа се законски решенија и никој не може да ги менува, дополнува уште помалку да додава графа за национална/етничка припадност.
Ова што го направил министерот за правда е преседан и Упатството мора да го повлече. Националната/етничката припадност и определба е неприкосновено човеково право кое не може да биде изјавувано во официјален документ без промена на Законот и поширока поддршка од граѓаните.
Злоупотребите со балансерот при вработување треба да се спречат со укинување на овој неефикасен и дискриминирачки механизам, а не да се користат како изговор за менување на матичните евиденции без законска основа.
Националната/етничката припадност секаде во светот, вклучително и во земјите членки на ЕУ не се впишува ниту во изводите за матична евиденција (родени, венчани или умрени), ниту пак во документите за идентификација (лична карта, пасош, возачка дозвола итн). Демократскиот сојуз ја повикува Владата веднаш да го повлече ова незаконско Упатство и да побара од Собранието разрешување на министерот за правда поради ова самоволие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.