Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, синоќа во Дебар одржа трибина за важноста на семејството и меѓурелигискиот дијалог.
На трибината, меѓу многуте присутни граѓани од различна етничка и верска припадност, присуствуваа и градоначалникот Хекуран Дука, епископ Антаниски г. Партениј и дебарскиот муфтија Решат Качалнику, свештеници, архимандрити и јеромонаси, монахињи, просветни и културни работници и голем број претставници на институции.
Трибината ја отвори психологот Ангелина Василевска, која го истакна значењето на соживотот во регионот низ децениите наназад, како и важноста од отворањето на овие теми во јавниот простор.
Градоначалникот на Општина Дебар, г. Хекуран Дука, поздравувајќи го одржувањето на оваа средба меѓу другото рече дека треба да ги развиваме ваквите заложби за поддршка на соживотот, со кој Дебар се гордее.
– Во фокус на оваа трибина, би сакал да кажам дека сум многу задоволен што ќе се дискутира на тема поврзана со семејството, бидејќи многу пати сум бил присутен на различни трибини каде што се зборува за правата на децата, правата на жената, но никогаш не сум бил присутен, ниту пак, сум разбрал дека има дебата на која се зборува за нашето најважно, а тоа е семејството, кое е основна клетка на општеството. Оти какво што ни е семејството, такво ќе ни биде општеството, рече градоначалникот на отворањето на трибината, кој вети дека ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи насочени кон развој на младите во општеството.
Сестра Ефимија Зајковска, од манастирот во Рајчица, се заблагодари за поддршката добиена од градоначалникот Дука, и се задржа на темата насловена како „Семејството, состојби и предизвици“.
– Од една страна, гледаме дека денешните општества се значајно развиени. Имаме неверојатен цивилизациски напредок во многу полиња. Денес можеме да се пофалиме со силен индустриски, односно технолошки развој, кој има за цел олеснување на човечкиот живот, потоа со развој во областа на медицината која е насочена кон заштита и унапредување на човековото здравје, имаме отворени граници за да можеме полесно да разменуваме лични и професионални искуства, интелектуално да се надградуваме, па и да создаваме трајни пријателства и сл. Но, и покрај сето ова, сепак, се забележува еден парадокс, кој рефлектира сериозни оштетувања внатре во човечката личност: наместо да напредува, човекот регресира, се соочува со неверојатен стрес, страв, незнаење, болести. А најсилен, пак, негативен ефект од современиот развој е настанатото отуѓување меѓу луѓето, што значи дека тие отстапуваат од целта заради која се создадени, а тоа е живот во заедница и соединување со Бога. Денес човекот професионално непрестајно се развива, но стагнира и потфрлува на семеен план, тој има многу виртуелни пријатели, но со никого не создава длабоки физички и емотивни врски, неверојатно е храбар за да освојува нови сложени предизвици, а сериозно исплашен да го отвори своето срце за да го пушти внатре својот ближен, истакна сестра Ефимија во своето обраќање.
Меѓу другото, таа ги поттикна присутните на размислување, поставувајќи им го прашањето: Дали денешните семејства имаат реална способност да се спротивстават на модерните трендови, кои се насочени пред сè кон индивидуалниот развој на човекот, за сметка на неговото отуѓување од ближниот?
– Како да го сториме тоа, кога сè ова изгледа толку многу тешко? Ете, токму таму, во модерниот амбиент во кој реално сите ние живееме, имаме задача да ја понудиме нашата перспектива, да придонесеме и системски да се променат нештата, да се избориме за подобро образование на нашите деца, да бидеме истрајни во почитувањето на моралните вредности. Го менуваме општеството влијаејќи на него со својот позитивен пример, бранејќи ги, додека дишеме, вредностите кои ги стекнавме и научивме благодарение на животот во нашите семејства: почитувањето на секоја личност, скромноста, чесноста, трудот, пожртвуваноста, добротата, незлобливоста, милосрдието, простувањето, љубовта! Овие семејни вредности, од нашиот мал семеен круг непрестајно треба да ги пренесуваме во големото семејство на светот. Ако тоа го имаме, тогаш тоа ќе го дадеме. Бидејќи, секој го пренесува она што го научил, секој од срцето го дава тоа што во него го поседува, порача сестра Ефимија.
Зборувајќи за семејството Сумеа Рамадани, рече дека во секоја религија семејството е свето нешто, единствено место каде што нè прифаќаат онакви какви што сме, бидејќи само во семејството се потпираме на љубов.
-Во семејството сите сме исти, еден за сите и сите за еден. Затоа семејството е свето. Љбовта е фундаментална потреба за да опстанеме во живот. Љубовта пренесена од родителите на детето, детето ја пренесува на светот. Семејството нè учи на сите социјални вештини и емоционална стабилност. Мајката е најсветото нешто, најубавиот цвет во семејството, мајката е таа која го собира целото семејство и треба да се почитува со милост. Секако клучна улога во семејството и развојот на детето во вистинска личност одигрува и таткото, меѓутоа, мајката е најубавиот подарок што таткото може да му ја даде на детето, рече меѓу другото Рамадани.
Имамот Орхан ефенди Зенго, не го криеше задоволството што може да даде придонес на една „ваква одлична средба“.
-Религијата има клучна улога во создавањето на вистинска здрава личност. Да се биде религиозен, значи да се биде човек во потполна смисла на зборот. Религијата нè поучува како најдобро да го изградиме нашето семејство. Семејството е првата институција во која се раѓа и се гради една вистинска личност. Од Исламска перспектива, за да изградиме здрава личност потребно ни е да изградиме здраво семејство. А предуслов за здраво семејство е бракот помеѓу маж и жена, кои треба да бидат здрави и изградени личности. Превземањето на одговорноста е на двајцата родители, кои треба да го едуцираат своето дете, да му ги инсталираат сите човечки и хумани вредности и да го изградат во вистинска личност. И општествениот развој зависи токму од самиот човек и неговата личност. Колку повеќе добри личности ќе изградиме толку побрзо ќе се промени и развие во подобро нашето општество, рече ефенди Зенго.
За крај се обрати и Архимандрит Кирил Деловски од Бигорскиот манастир.
– Со голема чест и радост се собравме денес во овој знаменит и благороден град Дебар, кој низ вековите претставува жив симбол на соживот, взаемна почит и братство. Град каде што христијанските и муслиманските заедници секогаш биле блиски, каде што воомовите се негувале семејните вредности и каде што грижливо се пренесувал духот на широкоградоста и меѓусебното разбирање од поколение на поколение. Секако, имало и негативни ситуации и такви што сакале да внесат раздор, непочит и омраза, но, овде, за среќа, историјата памети само добри примери и оние кои твореле добро. Во овој град, љубовта и почитта кон ближниот се градат на секојдневно ниво, правејќи го Дебар неприкосновен пример во нашата држава за заедништво и почитување на разликите, рече архимандрит Кирил.
Верувам, додаде, дека „денешното наше заедничко присуство е плод на вековната традиција на заедништво и меѓусебна почит, толку важна за овој град, но нема да претерам ако речам и за светот“. Токму затоа, им благодарам на сите кои се потрудија во организацијата на оваа прекрасна трибина, а особено на градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука, на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со чијшто благослов сме вечерва тука и на почитуваниот дебарски муфтија, Решат Качалнику.
-Ќе се вратам повторно на зборовите од мојата внука Коприна: „Колку е тажен светот да немам родители!“ Децата, според природниот поредок, имаат неопходност од родители во секој аспект на нивниот живот. Потребата за топлината, присуството и поддршката на родителите е неизмерна и непроценлива – таа е вградена во самото битие на детето. Но, дилемата на нашето време, во ерата на технократија и непрестајна трка по материјалните вредности и современите трендови, е дали родителите се навистина тука за децата. Живееме во општество кое ги вреднува видливите успеси, во кое човекот се оценува според неговиот успех на социјалните мрежи, според висината на неговиот доход и престижот на неговата позиција. Овој безмилосен ритам ја осиромашува човечката душа и го оддалечува од суштинските врски кои го облагородуваат животот. Родителите, заслепени од новите идеали за успех и самореализација, сè почесто се жртви на зависноста од социјалните мрежи и на бездушната трка за кариера и богатство, првонаредувајќи го, пред сè, својот дигитален имиџ, на сметка на семејната близина. Притоа, невидливата цена на оваа опсесија се плаќа со тежок данок: во изгубени моменти, во изгубено присуство, во изгубено воспитание. Родителите, погледнати низ очите на детето, се далечни, отсутни – дури и кога физички се присутни. Колку тажно е кога децата го бараат погледот на своите родители, но наместо на поглед кој зрачи со емпатија, нежност, радост и разбирање, наидуваат на екрани кои светат со друга светлина, светлина која не е топла и животворна, туку студена и илузорна. Екраните, кои ја крадат внимателноста на родителите, на детето му порачуваат дека неговото време и неговата љубов не се доволно важни. Детето сака мајка и татко, а не успешни бизнисмени и нашминкани слики во дигиталниот простор“.
Како што беше најавено, наскоро ќе бидат одржани и други трибини со фокус на семејството, на развојот на младите, и за соживотот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.