Со дневен ред од пет точки, меѓу кои ги немаше барањата на синдикатите од изминатиот период, мина денешната седница на Економско-социјалниот совет која на крајот беше прекината, без конкретни мерки како што беше најавувано, рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниицте од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) во вечерашното издание на „Топ тема“ на Телма ТВ.
Шест месеци, посочи Деаноски, немаше седница на Економско-социјалниот совет, во време на најголема финансиска криза во државата, во време на најголема инфлација.
Нема методологија на плати која беше помпезно најавувана и сè уште се најавува, нема за фискални импликации, нема за потпишување на нови колективни договори. Меѓу точките на дневниот ред немаше ниту едно од нашите барања од изминатиот период, изјави Деаноски.
Од Министерството за труд и социјална политика претходно преку соопштение информираа дека во фокусот на седницата биле антикризните мерки на Владата.
На седницата на ЕСС, освен членовите на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на Владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на Владата, наведе МТСП во соопштение.
Социјалните партнери, според соопштението, разговарале за даночната реформа, годишниот Извештај за работата и функционирањето на Економско-социјалниот совет за 2021 година, иницијатива за ратификација на три конвенции на МОТ за БЗР во три сектори – рударство К176, градежништво К167 и земјоделство К184 и барањето за надминување на последиците предизвикани од високите сметки за електрична енергија во компаниите.
Со оглед на актуелните состојби во државата, претседателката на ЕСС и министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на членовите на Советот им изразила уверување дека седниците на ЕСС во периодот кој доаѓа ќе се реализираат зачестено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.