Македонија мора да ги почитува интересите на граѓаните и да спречи отворање на здруженија со провокативни имиња и програми, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски кој во „Студио 10“ зборуваше за бугарските културни центри со имиња на контраверзни личности кои никнуваат во Македонија.
Во насока на актуелните отворања на нови здруженија, како држава мора да покажеме заби и дигнитет. Мора да се почитуваат нашите закони. Уписот во регистарот на здруженија кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните, мора да се поништи. Оние кои ги одобруваат овие работи пред се мора да ги проверат името и програмата. Ако не се реагира од државата, има како печурки секаде да изникнат. Морам да напоменам дека сами се ставаме во непријатни ситуации. Доколку некој смета дека е ускратен да отовори организација со провокативни натписи, слободно нека се обрати Стразбург. Ние веруваме за македонската држава која треба да си ги штити интересите на нашите граѓани, вели Борче Давитковски.
Давитковски, како еден од креаторите на Законот за здруженија и фондации, според кој е формиран бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 рече дека уште референтот на филијалата на Централен регистар во Охрид не смеел да дозволи негов упис.
По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил Цар Борис Трети. Но уште тие на шалтерот на Централен регистар во Охрид, референтот требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис, рече професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Давитковски вели дека законот е направен да биде либерален, но ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање на клубови со контроверзни историски имиња, тоа ќе се смета за преседан и дека таквите регистрации ќе продолжат до недоглед. Следно веќе е ново отворање на бугарски културен клуб во Богданци.
Треба минимум пет основачи, од кои тројца државјани на Македонија, да формираат органи, статут и програма за работа. Тие документи со потпишаните основачи се носат во Централниот регистар, кој ги гледа тие факти, треба да се види програмата, што значи тоа здружение и кои му се целите и задачите во статутот, смета тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.