Пајак-возилото на „Куманово паркинг“ технички било неисправно, соопшти денеска СВР Куманово. Оттаму велат дека возилото не поседувало сертификат за употреба на кран за подигање на возилата. Од ЈП „Куманово паркинг“ денеска демантираа.
-При контрола на пајак-возилото од страна на полициските службеници било утврдено дека тоа не е технички исправно, а при контрола на техничкиот преглед било утврдено дека возилото не поседува сертификат за употреба на кран за подигање на возила, соопшти денеска СВР Куманово.
Директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Сашо Петрушевски, вели дека првин новото возило пајак кое општината го набави заедно со други возила било запрено од инспектор на Државниот инспекторат за транспорт, кој покрај останатите им побарал и лиценца за работа и транспорт.
-Такви лиценци се издаваат само за автобуси и транспортни возила, кои вршат превоз на патници. Нашите возила се водат како специјални, бидејќи се од јавен интерес. Во државава таква лиценца нема ниту едно пајак-возило ни јавно претпријатие кое врши услужна дејност, кажа Петрушевски и нагласи дека им одземена сообраќајна дозвола. Претпријатието поднело жалба до второстепена комисија.
Постарото пајак-возило, како што изјави Петрушевски, било пуштено наредниот ден и било запрено од припадник на полиција, по што било однесено на технички преглед при што било констатирано дека не работи сијаличка како и дека имало одредени пропусти на задната сопирачка. Аномалиите веднаш биле отстранети и Петрушевски вели дека возилото било регистрирано.
Тој на прес-конференција потенцираше дека возилата ги поминале техничките прегледи, дека се регистрирани.
Едното од пајак-возилата ќе функционира веднаш по празниците, а за поновото доколку не им се врати сообраќајната дозвола, надлежните од претпријатието најавија дека ќе водат управна постапка
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.