Европскиот Парламент со тесно мнозинство од 291 гласа „за“ и 274 гласа „против“, го прифати предлогот за сериозна реформа на основните правила на Унијата – меѓу другото да се укине правилото на едногласно одлучување за чекорите кои водат кон членство во ЕУ. Доколку овој предлог биде прифатен од сите земји-членки, тоа ќе значи големо олеснување за Македонија, бидејќи Бугарија нема да може да поставува вето при отворањето и затворањето на поглавјата од преговорите за членство.

Предлагачите на овој пакет промени во начинот на функционирањето на Европската Унија предупредија дека ЕУ нема да може да се прошири без укинување на принципот на едногласност во носењето одлуки за надворешната политика. Тие предложија едногласноста да не важи во најголем дел од одлуките кои се однесуваат и на безбедносната политика, како и во финансиите, судството и внатрешните работи, како и во составот на Европската Комисија. Главен поттик за барањето за овие промени е блокадата што Унгарија ја воведе за почнувањето на преговорите со Украина. Бидејќи приемот на Украина стана исклучително важно геополитичко прашање за ЕУ, евро-пратеници пред се од либералните, социјалистичките и зелените партии решија да поднесат предлог за ваква радикална промена.

Сепак, усвојувањето на оваа промена во другите институции на ЕУ, пред се во Европскиот Совет каде што сите држави членки имаат право на вето, е малку веројатно. Се очекува повеќе држави да ги отфрлат овие предлози, и да го зачуваат своето право на вето. Тесното мнозинство во Европскиот Парламент за овој предлог беше доживеано како разочарување од поддржувачите на проширувањето на Унијата, кои се надеваа дека ќе има сериозно мнозинство барем во Парламентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.