Валентина Стојоска од Албанија, со желби за поубав живот пред дваесетина години дошла во Македонија. Немала успешен брак во Требеништа, па, се премажува и влегува во втор брак со човек во Вевчани. Во двата брака, причина за несогласување е сиромаштијата. Од првиот брак има веќе полнолетен син, а, од вториот брак ја има шестгодишната ќерка – Наташа. Но, ниту на синот, ниту на шестгодишната Наташа, не може да им овозможи живот каков што секоја мајка посакува за своето дете. Најголемиот проблем на оваа мајка е што цел живот, живее под кирија.
Условите во старата куќа се лоши. Се плаши да не се разболат со ќерката, поради стаорците кои шетаат низ собите. За поевтина кирија која единствено може да си ја дозволи, таа е ограничена во изборот, а газдите не ја пријавуваат како жител на Охрид, па Валентина поради тоа не може да поднесе документи ниту за социјален стан, ниту за социјална помош. Сопругот најчесто ги остава сами, оди во Вевчани во куќата на брат му, а таа сама со малата Наташа мака мачи за да се прехрани и преживее.
– Првиот брак ми беше проблематичен. Немав живот со него. Па, одлучивме да се разделиме. Од тој брак имам син. Веќе е голем. Иако, мене ми е доделен, сепак поради тоа што немам услови да го чувам, седи кај татко му. Ќе дојде тука еднаш, двапати во месецот, ќе се разочара од животот тука, ќе ми побара пари, а јас немам ни сто денари да му дадам-ја започнува за „Срце на дланка“ својата несреќна приказна, Валентина.
Тешката работа и лошите услови на живот последните години од Валентина ќе направат жена од едвај триесетина килограми. Полека болестите ја напаѓаат, па, таа е принудена да даде и отказ од работното место од каде вадела леб за детето. И тоа, најмалото и најневиното, шестгодишното девојче кое е преслатко и препаметно, поради ваквите услови ќе се презасити и предаде, па, од крајот на минатата година таа често е низ болничките ходници борејќи се со чести зарази кои и го напаѓаат здравјето.
– Работев со години во леарница, но, се разболев и докторите ми рекоа не смеам да работам работа која ми го загрозува здравјето, ако сакам да живеам или ако работам, да биде тоа нешто полесно. Така станав социјален случај. Сопругот нема стално вработување, ако го викне некој да поработи да земе некој денар, ако не гладуваме-продолжува Валентина.
– И ќерка ми од лошите услови во куќата се разболе. За празниците јас и таа лежевме на Клиника. Ја испитуваа, додека таа гореше од температура. Немав ниту за сокче, ниту за сендвич, немав ниту отпусната-листа да си ја платам за да излеземе од болница. Па, пишав на интернет и еден хуман дечко ми помогна, ми донесе пари за да платам. На малата и дијагностицираа циста на црниот дроб, па, сега пак мора да одиме во Скопје да се лекува, а како да ја однесам кога немам ниту за пат-кажува оваа тажна жена.
– Немам пари. Едвај преживувам. Немам постојано место на живеење. Поради поевтина кирија во оваа куќа сум шест години. Глувци шетаат од сите страни. Ќе се разболиме. Со документи сум во Вевчани и не можам тука да побарам социјален стан ниту социјална помош. Затоа сме принудени да гладуваме. Од Црвен крст добиваме нешто храна, ама тоа не е доволно. Малата сака прибор за во училиште. Во продавница кога ќе влеземе плаче вика мамо купи ми, а јас од каде да најдам. Секој ден во училиште и давам да носи само леб и салама. А таа сака банани. Сака нешто да смени. Дури и наставничката ми рече еднаш: „Зошто секој ден на Наташа и даваш само леб и салама да јаде. Децата и се потсмеваат.“ Не можев веќе вака и одлучив да ве викнам за помош-низ солзи кажува Валентина.
– Мама ми дава само леб и салама, а другарчињата ми се потсмеваат-срамежливо кажува малата Наташа.
Целата приказна прочитајте ја на следниот линк
Сите што сакате да помогнете на ова семејство, тоа можете да го направите на трансакциската сметка 200003332143216 или на контакт телефонскиот број на Валентина Стојкоска 078/241929
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.