Црквата од Охрид: Македонската православна црква не смее да го користи името „Македонија“ или „македонска“, ова стои во оригиналното соопштение односно одлука на Светиот синод на Вселенската патријаршија. Во него се наведува дури и дека некој писмено ова го ветил.

За име на оваа црква го признава „Охрид“ (се мисли на подрачјето на нејзина јурисдикција само на териториите на државата Cеверна Македонија), како што на писмено и беше ветено на Вселенската Патријаршија и на нејзиниот примат, со исклучување на терминот „македонски “ или било кој друг дериват од зборот „Македонија“, пишува Вселенската Патријаршија.

Кој дал такво писмено ветување, не е јасно во ова соопштение од Патријаршијата. Овој дел од одлуката, случајно или не, не беше содржан во официјалното соопштение што синодот на МПЦ-ОА го објави во понеделникот. Портпаролот Светиот Синод, владиката Тимотеј, за „Алфа“ вели дека тие не дале никакви писмени ветувања.

Ние не се откажуваме ниту од името Македонска православна црква, ниту од Охридска Архиепископија! Ниту сме пишувале, ниту сме ветувале до Светиот Синод на Вселенската патријаршија дека се откажуваме од името, вели Владиката Тимотеј за Алфа.

Во одлуката на Вселенската патријаршија се вели и дека Константинопол и остава на Српската православна црква да ги регулира административните прашања со црквата во Македонија, а тоа значи дека нашата Црква се уште не е автокефална.

Од друга страна, Бугарската и Српската православна црква се уште се без коментар за одлуката на Вселенската Патријаршија за враќање на Охридската Архиепископија во канонското единство во православниот свет. Но затоа не запираат реакциите во медиумите во Бугарија и Србија, дека на БПЦ И СПЦ, соседните цркви на МПЦ, им пречи признавањето на Охридската Архиепископија.

Во недостиг на официјален став од БПЦ, бугарските аналитичари порачуваат дека не смее да биде призната ОА како македонска, бидејќи за нив БПЦ е наследничка на Охридската Архиепископија и е веќе сместена во црковниот устав.

Исти тонови доаѓаат и од српските познавачи на црковното прашање. Со, како што ја нарекуваат – неканонската одлука на Цариградската патријаршија, не само што се прејудицирало решение на прашањето за македонскиот раскол, туку Цариград со ова сакал целосно да ја деградираат силата на евентуалниот томос кој СПЦ би го дала на православните Македонци.

Во кратки црти, би рекол дека ова што го направила Цариградската Патријаршија, наводно великодушно кон Скопје, тоа е Данајски подарок. Нема ништо од тоа. Ова е блефирање, дека цариградскиот Патријарх, односно Цариградската Патријаршија, имаат клучна улога во решавњето на ова прашања, а ниту имаат ниту може да имаат бидејќи тоа е надвор од рамките на Канонот, вели Јован Јањиќ, српски професор.

Уште поважно во целата ситуација е каков став ќе заземе МПЦ во преговорите кои се очекуваат со Српската Црква. Дијалогот започна далеку од очите на јавноста, а со оглед на тоа дека ништо не се открива, најверојатно зад затворени врати и ќе продолжи. Српската православна црква на 15-ти мај ќе оддржи Собор во Сремски Карловци, каде најверојатно на маса ќе се најде и прашањето за независноста на македонската црква.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.