Изминатиов период цела Македонија беше потресена од ужасните убиства на малата Вања и на Панче. Ве молиме за коментар, како полицијата постапи во решавање на овој случај, се направија ли грешки во истрагата?

Убиствата на малолетничката Вања и Панче се само врв на сантата мраз кога е во прашање нестручно и непрофесионално постапување на МВР под раководство на Оливер Спасовски. Нашите сознанија зборуваат дека истрагата можела многу поквалитетно и поефикасно да се спроведе, а доколку не се направени сериозни професионални и стручни пропусти и се преземени должни дејствија кои согласно полициските и криминалистичките процедури требало да се преземат, сигурно можело и да се превенира киднапирањето и последователното убиство на Вања. И тоа пред се, е резултат на лошите кадровски и менаџерски политики на раководството на МВР, Наке Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа насока, уште еднаш сакам да го повторам ставот кој неколку пати претходно го нагласив, дека веднаш по формирањето на техничката Влада во рамките на МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија и во двата кривично правни случаи. Врз основа на тоа што ќе биде утврдено во рамки на внатрешната ревизија, против сите оние кои направиле клучни пропусти во истрагата со несовесно, непрофесионално и нестручно постапување, ќе се покренат соодветни дисциплински постапки, а истовремено и ќе се информира и ОЈО за ГОКК за новите информации и елементи од истрагата. Доколку има елементи ќе се поднесат и соодветни кривични пријави до ОЈО за ГОКК. Воедно, за сите нови моменти од истрагата транспарентно ќе се информира македонската јавност. Истовремено, ќе се направат максимални обиди со цел што е можно побрзо изведување на главниот осомничен пред лицето на правдата.

-Во каква подготвеност и готовност е македонската полиција? Синдикатите се жалат на немање основни услови и средства, стари униформи…

Целокупниот разузнавачко-безбедносен систем е на колена, а состојбата е загрижувачка и хаотична. Реформите на безбедносниот систем кои ги предводеше Оливер Спасовски се дефинитивно неуспешни и не ги даваат резултатите кои ги очекуваат пред се граѓаните, но и меѓународните партнери на Македонија. За неуспешноста на безбедносните реформи и неефикасноста на безбедносниот систем, вклучително и МВР како носечка безбедносна институција, сведочат безброј коруптивни, криминални и безбедносни скандали од меѓународни размери во изминатиот период откако СДСМ и ДУИ се на власт. Наместо успешна институција етаблирана во меѓународни рамки, сведоци сме дека Оливер Спасовски и неговиот тим создадоа институција која се мачи да одговори на основните безбедносни предизвици.

Синдикалните организации, кои вистински се залагаат за заштита на правата на вработените во МВР, се целосно во право за критиките кои ги упатуваат кон Оливер Спасовски и раководството на МВР и проблемите на кои укажуваат мора најприоритетно да се адресираат доколку сакаме готовноста, мотивираноста и ефикасноста на полицијата да биде на посакувано ниво.
-Уште еден голем проблем во МВР се и партиските вработувања.

Имате ли сознанија каква е состојбата на оваа тема, што се случува со нестручниот кадар вработен по партиска основа?

Денес МВР е високо партизирано, пренатрупано со нововработен неквалитетен и нестручен кадар, кој не може да испорача резултати, а немотивираноста и апатијата е главна карактеристика на безбедносниот систем.

Сите непослушни или идеолошко некомпатибилни вработени се подложни на силни нехумани притисоци, мобинг, дискриминација, дисциплински постапки, суспензии и откази. Имајќи монопол на системот за безбедносни проверки, се вршат злоупотреби и на добар дел од нив им се фабрикуваат безбедносните проверки со цел уништување на нивната професионална кариера и институционална елиминација. Тоа е и причината за огромниот број на изгубени судски работни спорови за кои МВР губи милионски суми и за ова мора да се сноси одговорност.

Моралните, етичките и професионалните вредности во МВР се целосно руинирани. Редот, дисциплината и почитувањето на хиерархијата се сериозно нарушени. Системот на кариера е целосно уништен. МВР се соочува со сериозен дефицит на конспиративност, професионалност и стручност. Отсуствува довербата, колегијалноста и институционалната лојалност. Припадниците на МВР се се почесто предмет на насилни напади. Корупцијата и пенетрацијата на криминалните структури во МВР е сериозна и загрижувачка.

-За дополнителен заменик министер, СДСМ преку Централниот одбор го именуваше Митко Бојмалациев, шеф на кабинет на Оливер Спасовски. Што мислите за овој избор?

Во СДСМ има кадри кои имаат познавање од безбедноста, но веројатно поради интерни политички борби кои се водат во оваа партија, не можат да дојдат до позиција и се маргинализирани. Истовремено, безбедносните институции ги водат личности без кредибилитет и познавање на оваа проблематика.

Конкретното лице, кое е политичко решение на СДСМ за дополнителен заменик министер, не произлегува од професионалните структури на МВР и безбедносниот систем. Како човек со долгогодишно искуство во областа на безбедноста, кој кариерата ја почнал од улица, можам да констатирам дека секое решение за раководно место во безбедносниот систем кое не произлегува од делот на професионалниот кадар, вработените го чувствуваат како наметнато бидејќи изборот не е дел од нив и не живеел со нивните проблеми и предизвици.

Се чини дека предлагањето на млад и неискусен кадар за позицијата во МВР е пред се потценување и девалвирање на оваа институција од страна на СДСМ, затоа што станува збор за кадар кој освен во делот на водењето на кабинетот, нема речиси никакво позначајно искуство делот на оперативно работење и безбедноста. Да бидам искрен, не сум воопшто изненаден, затоа што ваквиот предлог доаѓа од политичка партија која во изминатите 7 години, со лошата кадровска политика фрли сериозна сенка врз работењето на владата и на сите институции и придонесе Македонија да биде во лоша економска, финансиска и безбедносна состојба.

-Последниве години во Македонија се случија низа убиства, големи криминали, пукања среде бел ден…. Кој е вашиот став за тоа како полицијата постапува, со оглед на фактот што најголем дел од нив се нерасчистени?

За жал Министерството за внатрешни работи е претворено во институција која во јавноста пласира селектирани информации, монтирани статистички бројки и креира лажна перцепција за реалната безбедносна состојба во држава и тоа е сериозен преседан.

Оливер Спасовски и владата сакаат да прикажат дека во однос на безбедноста во државата се е „мед и млеко“, а всушност состојбата е спротивна и многу поинаква. Откривачката функција на МВР во однос на сериозните кривични дела е на исклучително ниско ниво.

Гледајќи ги секојдневните информации од „црната хроника“ сите ние сме свесни дека безбедносната состојба во државата е загрижувачка и сигурноста на граѓаните е доведена во прашања. Свесни сме дека пукањето, дрогата, разбојништвата и насилството на улиците е рапидно зголемено. Македонија стана една од главните логистички бази за издавање на државјанства, пасоши, банкарски сметки и други документи на белосветски криминалци, екстремисти и други безбедносно индикативни лица.
Факт е дека оваа влада нема капацитет и политичка волја да преземе сериозни обиди за справување со катастрофалната ситуација со организираниот криминал и корупцијата во која се наоѓа државата, а што е и официјално констатирано од страна на ЕУ и други релевантни меѓународни организации, но и на што секојдневно укажуваат релевантни дипломатски претставници во државата и надвор од неа. Паралелно со тоа, наместо справување со криминалот, гледаме како тие секојдневно се дружат и објавуваат фотографии со познати криминалци, нешто што во демократските и развиените земји е далеку од прифатена пракса.

-Сумирано, какви промени се потребни во МВР?

Често кога разговарам со моите пријатели, но и со луѓето со кои се сретнуваме на улица, слушам дека сакаат да живеат во побезбедна и посигурна држава и ние во ВМРО ДПМНЕ сме свесни за тоа. Затоа, приоритет на новата влада и МВР ќе биде бескомпромисна и неселективна борба против сите кои постапуваат спротивно на законот, без разлика на нивната етничка, верска или политичка определба. Неопходно и важно е, МВР да објави војна на корупцијата и да ги гони сите корумпирани функционери се додека не се соочат со лицето на правдата, а резултатите да бидат видливи и мерливи.

Потребни се големи промени, но пред се неопходно е враќање на ентузијазмот, дигнитетот и мотивираноста кај припадниците на МВР. Во рамки на МВР има чесни и стручни професионалци кои имаат капацитет и потенцијал да испорачаат врвни резултати во областа на безбедноста. За таа цел облигаторно е да се изгради модерна, ефикасна и транспарентна полиција. Во таа насока потребно е подигање на животниот стандард на припадниците на МВР, модернизирање и набавка на сосема нови современи и функционални униформи, целосна дигитализација и воведување на информатичка технологија во работењето и услугите кои ги дава МВР, воспоставување на ефикасен систем на кариера и негово доследно почитување, континуирани специјалистички обуки на вработените, повторно етаблирање на средното полициско училиште, понуда за работа за најдобрите студенти од сродните факултети, јакнење на оперативно-техничките капацитети на МВР, продлабочување на меѓународната соработка итн.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.