Пограничните власти на Газа објавија листа со 596 странски државјани и лица со двојно државјанство од 15 земји на кои им е дозволено денеска да ја напуштат Газа, меѓу нив и на четворица македонски државјани.
На повеќе од 500 лица им беше дозволено да заминат вчера, кога прв пат после неколку недели беше отворен преминот.
Палестинските власти ја објавија новата листа со имиња пред 2 часот утрово по локално време, со укажување дека лицата треба да бидат на граничниот премин во 7 часот утрината.
Министерството за надворешни работи на Македонија вчера ја поздрави одлуката за отворање на граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет, со што се овозможува евакуација на странските државјани, вклучително и петте државјани на Република Македонија.
Како што претходно информиравме, нашите државјани кои се наоѓаат во Газа веќе се вклучени во списоците за евакуација и истото очекуваме наскоро да се реализира согласно околностите на терен и динамиката на евакуација, имајќи го предвид големиот број странски државјани во Газа кои се дел од оваа операција. Преку тесна и континуирана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани, Министерството за надворешни работи е непосредно и континуирано активно вклучено, со цел нашите државјани да бидат безбедно и навремено евакуирани, соопшти МНР.
Лицата кои се наоѓаат на листата на странци и со двојно државјанство, објавена од пограничните власти на Газа, покрај четворицата македонски државајани се и од Азербејџан (8), Белгија (50), Бахреин(6), Чад (2), Хрватска (23), Грција (24), Унгарија (20), Италија/ОН (4), Мексико (2), Холандија (20), Јужна Кореа (5), Шри Ланка (17), Швајцарија (11) и од САД (400).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.