Тимот од Македонија освои четири бронзени медали на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа од 2 до 12 декември 2022 година во Богота, Колумбија, информира Друштвото на физичари на Република Македонија (ДФРМ).

Освојувачи на медалите се Искра Нечаковска од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, Теона Ана Георгиевска и Михаил Шапчески од приватното средно училиште „Јахја Кемал“ од Скопје и Даниел Христов од средното училиште „Славчо Стојменски“ од Штип. На олимпијадата успешно се претставија и учениците Марко Серафимовски од „Јахја Кемал“ и Олег Трајковски од „Јосип Броз Тито“ од Битола.

Водачи на олимпискиот тим беа проф. д-р Боце Митревски од ДФРМ, проф, д-р Методија Најдоски од СХТМ и м-р Лозенка Иванова од МБД.

ДФРМ, кое во соработка со Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД) им го честитаат големиот успех на учениците и се заблагодарува на сите оние кои дадоа придонес во организацијата на општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот.

Покрај тоа, им благодариме на сите колеги од Институтите за физика, хемија и биологија кои одвоија значителен дел од своето слободно време и го посветија на подготовките кои се организираа од почетокот на септември до крајот на ноември во просториите на ПМФ Скопје. Ја користиме приликата да се заблагодариме на сите кои во континуитет ја подржуваат нашата работа, велат од ДФРМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.