Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница, ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Овој ден е еден од важните празници што го симболизираат богатството од етнички, верски, јазични и културни идентитети под македонското небо. Во нашата заедничка татковина, Република Македонија, ние различноста на идентитетите ја разбираме не како слабост, туку како наша најголема сила и вредност. Оттука, одбележувајќи го Меѓународниот ден на Бошњаците, ние вложуваме во нишката на инклузивноста што ги држи различните етникуми заедно и во добро и во лошо.
Најголем успех на државата е ако сите нејзини граѓани, независно од нивниот идентитет, ја чувствуваат како своја татковина и ако преку своите засебности придонесуваат кон општото добро. Горди сме што вие, Бошњаците сте интегрален дел од македонското општество, но и важна врска на Македонија со држави во кои живеат ваши сонародници. Верувам дека само сплотени ќе ги надминеме сите здравствени, политички и економски предизвици и ќе ја оствариме визијата за стабилна и просперитетна Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.