Бугарското Министерство за надворешни работи со особено внимание ја следи, како што наведува, „кампањата на опозицијата во Република Македонија против бугарските клубови и нејзино инструментализирање за внатрешно политички цели“, изјави бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.

Како што јави дописникот на МИА во Софија, според Коџабашев, вакво однесување е единствено во корист на фактори или трети страни, кои имаат интерес да ја попречат европската интеграција на Македонија.

Коџабашев ги коментираше измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политички партии во Македонија, наведувајќи дека властите во Софија стравуваат дека со нив може да се ограничи правото на здружување.

Тој истакна дека со законските измени се воведува нова комисија за имиња на личности, прашувајќи кој ќе има контрола врз ставовите на комисијата, дали се обезбедува правото на обжалување на нејзините одлуки, какви се критериумите од кои комисијата ќе се води во својата работа.

Коџабашев исто така наведе дека сега претстои дали Владата во Скопје ќе го испрати Законот за здруженија и фондации за мислење до Венецијанската комисија.

-Бугарија смета дека ако се водело соодветно внимание и грижа за човековите права, таков важен предлог-закон требало претходно да се испрати на мислење, бидејќи сега во практика законот почна да се применува, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.