Прво внесување на македонските Бугари во Уставот, па официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската унија во период од две години по денешното заедничко фотографирање во Брисел, е една од суштинските одредби на францускиот предлог. Во центарот на одредбата, пак, се наоѓаат човековите права, односно правата на македонските Бугари во Македонија, што произлезе како нова тактика на Бугарија за продолжување на ветото, промовирана од претседателот Румен Радев.
Колку и да звучи прагматично француското решение, сепак тоа уште еднаш покажува дека во подготвувањето на меѓународните договори малку се води сметка за елементарната логика и повеќе наликува на синтагмата дека глупоста нема граници, отколку на некое понудено конечно решение. А, како такво, тоа во иднина може да продуцира нови недоразбирања и проблеми, што секоја страна ќе може да ги толкува на свој начин. Нешто слично, ако не и исто со терминот „заедничка историја“ од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година.
Со објавувањето на унилатералната изјава за македонскиот јазик, Бугарија уште еднаш потврди дека не го признава македонскиот јазик, а со тоа и Македонците.
Сега, клучни се две работи. Прво, како Бугарија и македонските Бугари инсистираат на тоа да влезат во македонскиот Устав, кој е пишуван на јазик, што не го признаваат!? Или, Бугарија и тамошните Бугари не го признаваат, а македонските Бугари се разликуваат од нив и го признаваат!? Ова другово е малку веројатно, зашто сепак станува збор за добро осмислена државна стратегија, што сега доби и европски печат-прашува „Пресинг ТВ“ во својата анализа.
И второ, со влегувањето во македонскиот Устав, македонските Бугари ќе ги добијат сите права, како и припадниците на останатите заедници. Тука во прв ред спаѓа правичната застапеност во институциите на системот. Според резултатите од последниот попис, нивниот број изнесува 3.504 или некаде околу 0,19% од вкупното население во државата.
На кој јазик македонските Бугари ќе работат во институциите на системот!? На македонски јазик, што не го признаваат, или на бугарски јазик!? Ова е само една мала слика од мозаикот, што допрва ќе треба да се прави.
Извор: Пресинг ТВ“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.