Бугарите ги донесоа ветените агрегати за струја на преминот „Деве Баир“, а МВР им ги врати назад. Ова пак, беше повод за бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски одново да упати критики за Македонија и да обвинува за сеење омраза. Агрегаторите беа ветени од бугарскиот вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, но не се знае дали и тој ги испратил. Од македонското МВР велат дека агрегаторите можат да ги земат, само ако тоа е поткрепено со документација.
Согласно законските прописи без договор за донација институцијата не може нит да прими нит да предаде донација, велат од МВР.
Европратеникот Ангел Џамбаски ги обвини македонските гранични власти на преминот „Деве Баир“ дека одбиле да ги примат агрегатите за струја.
Не е никакво изненадување, бугарските хејтери во Скопје се ќе направат против Бугарија. Инаку вака блеска нивната лага. Тие самите докажаа дека причината за кршењето на правата на стотици Бугари за слободно движење не е немањето струја, туку омразата на властите во Скопје кон Бугарија и Бугарите, напиша Џамбаски на Фејсбук.
Најавата за агрегати од бугарските власти следуваше откако во саботата на 4-ти февруари кога падна системот за контрола на граничниот премин „Деве Баир“, со кој се регулира влегување и излегување во земјава. Бугарите тргнати да го чествуваат Гоце Делчев останаа заглавени на граница неколку часа поради паднатиот систем.
Откако Македнија одби да ги прими генераторите, Бугарија истите реши да и ги донира на Турција.
Иван Демерџиев изјави дека генераторите ќе бидат пренасочени кон Турција, каде што има поголема потреба по разорните земјотреси.
Се надевам дека Македонија ќе најде сила и средства подобро да ја обезбеди својата гранична контрола, рече министерот Демерџиев и додаде дека претстојат конзуларни консултации на кои се надева дека ќе учествува.
Таму ќе ги разјасниме сите проблеми и ако можеме да помогнеме, ќе им помогнеме, но потребата во Турција е многу поакутна во моментов, се однесува на спасување човечки животи и мислам дека трите генератори ќе одат таму – рече Демерџиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.