По одлуката на Вселенската Патријаршија да ја прифати македонската црква во канонско единство, главно изостануваат реакциите од Бугарија, чија црква во 2019 година пропушти можност да игра активна улога во процесот на признавање на Македонската Православна Црква.

Агенцијата БГНЕС го цитира историчарот Христо Матанов кој вели дека потегот на Патријаршијата во Цариград е чисто геополитичко прашање, но додава дека Бугарија треба да остане на ставот дека Охридската Архиепископија е бугарска црква.

Во црквата ништо не се случува бргу. Треба да се обсмисли и процени. Позицијата која Бугарската Православна Црква треба да ја држи, според мене, е дека Охридската Архиепископија е продолжение на Бугарската Православна Црква, и дека не и се признава никаков македонски идентитет. Таквите тврдења претставуваат филетизам – обиди црквата да се изедначи со еден народ, вели професор Матанов.

Во разговорот за БГНЕС, тој обвинува про-руски владици во синодот на БПЦ за пропуштената можност да ја преземат Македонската Православна Црква под свое. Во 2019 година синодот на МПЦ се обрати до Бугарија и понуди да прифатиме дека бугарската црква е мајка црква на македонската, во очекување дека потоа БПЦ ќе и даде автокефалност на МПЦ. Но синодот на бугарската црква гласаше против следниот чекор што го предложи МПЦ – да се одржи заедничка богослужба, и формираше комисија за разгледување на прашањето која не презема никакви чекори.

Кога македонската црква ни кажа „бидете ни мајка-црква“ БПЦ не направи ништо. Ние ги следевме црковните правила, како што ги следи и Московската Патријаршија. И на кого да се лутиме сега? Како што Москва сака да ја задржи јурисдикцијата врз Украина, така и Белград сака да ја задржи јурисдикцијата врз Македонија. На крајот се сведе на геополитичка игра на конфликт меѓу Московската и Вселенската Патријаршија, вели Матанов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.