Бугарското Министерство за надворешни работи категорично го осуди, како што се наведува, сериозното кривично дело во кое беше употребено огнено оружје врз Клубот на граѓани со бугарска самосвест „Цар Борис III“ вчера во Охрид.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според објавата на Министерството, бугарскиот генерален конзул во Битола Димитар Иванов бил во посета на Охрид и воспоставил контакт со членовите на здружението и надлежните институции во градот инволвирани во случајот.
Ова е трет напад врз клубот Цар Борис III за помалку од два месеци. Претходниот напад беше извршен пред само два дена, за што бугарското МНР испрати вербална нота до амбасадата на Македонија во Софија.
Бугарското МНР, се додава, ја нотира реакцијата на Министерството за надворешни работи на Македонија, но, се посочува, категорично не прифаќаат „вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин“.
Властите во Софија, како што пренесува дописникот на МИА, очекуваат надлежните органи во Македонија „во најкраток можен рок да преземат мерки за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите на злосторството врз клубот „Цар Борис Трети““.
По тој повод, денеска во Министерството за надворешни работи на Бугарија, на средба ќе биде повикана амбасадорката на Македонија, Агнеза Руси-Поповска, на која ќе ѝ биде врачена протестна нота.
Македонското Министерство за надворешни работи синоќа го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид кое се случило вчера, оценувајќи го како вандалски чин.
Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава, се наведува во реакцијата за МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.